Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Беспомошната и претепана старица успејала да го смири разулавениот син, но не го пријавила во полиција
Кумановец крвнички ја претепал мајка му и откако се обидел да ја задави со капак од тавче и ја скршил вилицата. Нападот се случил мината недела во кумановската населба Бедиње, кога З.К.(55) без посебна причина и повод ја истепал С.К.(79) и сериозно ја повредил.
Изживувањето на синот се случило во четвртокот во 15.30 часот кога тој пристигнал дома, а мајка му ја изнела зготвената храна заедно да ручаат. Тогаш тој се налутил и започнал со боксови ја удирал во лицето а потоа и по телото. Не застанал тука, па ја фатил со раце за вратот и почнал да ја дави. На крај го земал металниот капак од тавата и ја гаѓал, при што ја погодил во левиот образ. Од задобиениот удар на С.К. и пукнала долната вилица.
Беспомошната и претепана старица успејала да го смири разулавениот син, но не го пријавила во полиција. Останала дома, но кога повеќе неможела да ја издржи болката од скршеницата, наредниот ден побарала помош кај матичниот стоматолог. Тој ја пратил во кумановската болница а случајот го пријавил во полиција. С.К. е препратена на понатамошно лекување на клиниките во Скопје.
По два дена синот бил пронајден и приведен, а истражен судија му одредил 30 дена притвор. Ќе одговара за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“ при семејно насилство.
З.К. е невработен и пред извесно време се вратил да живее кај мајка му во Бедиње, откако го напуштил неговото семејство. Тој често во алкохолизирана состојба ја малтеретирал и физички се пресметувал со старицата, а и нанесувал и повреди по телото. Несреќната мајка ги трпела изживувањата на синот и никогаш не побарала помош од полицијата ниту од семејството.