Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Седмооделенци од ОУ “Крсте Мисирков“ во соработка со Здружение за грижи и воспитување на децата Кумново, денеска организираа презентација за историските споменици и локалитети во Куманово и околината.
Со овој настан организаторите го одбележуваат Меѓународниот ден на културното наследство во присуство на ученици од другите училишта во градот.
Целта е да се презентираат сите обележја од Куманово и кумановско, значи од најстариот период па до новите споменици. Тука се опфатени Кокино, Свети Ѓорѓија од Старо Нагоричане, Пресвета Богородица од Матејче, Зебарњак, верски објекти, црквите, џамијата во Куманово. Споменици како Менкова колиба, Студена вода, Спомен костурница, Спомен куќа на Христијан Тодоровски - Карпош и археолошкото наоѓалиште Дрезга од Лопате, кое е многу важно, а за него не знаеме многу. Имаме премногу богата историја, а многу малку знаеме - вели Светлана Младеновска, професор по историја.
Неколку месеци учениците ја подготвувале презентацијата, а по различни поводи имале можност и да ги посетат дел од наведените локалитети.
Ние сме задоволни што направивме ваква манифестација. Се надевам дека ќе им се допадне на сите гости. Има многу споменици, информации кои луѓето за Куманово не ги знаат. Затоа го правиме ова, да ги запознаеме луѓето со нашиот роден крај - рече Нина Костовска, ученичка во ОУ “Крсте Мисирков“.
Од Здружението за грижи и воспитување на децата Куманово објаснуваат дека се фокусирани на промоција на културното наследство. Овие активности ги реализираат со помош на професорите по историја и вработените во Музеј Куманово.
Културното наследство треба да го зачуваме, почитуваме и оставиме на младите генерации. Тоа е наша програмска задача, соработуваме со Народен Музеј Куманово и историските секции. Почнавме со историски час на Градскиот плоштад, а веќе четири години одиме во Меморијалниот центар АСНОМ Пелинце. Сите професори си ги реализираат активностите предвидени со програма од оваа област, ги запознаваат со историски важни датуми, споменици. Поентата е овој ден да се одбележи на посебен начин - изјави Виолета Стошевска, претседател на Здружение за грижи и воспитување на децата Куманово.
Таа вели дека ова одбележување на Меѓународниот ден на културното наследство ќе прерасне во традиција и секоја година ќе се бира училиште домаќин.
Во ОУ“Крсте Мисирков“ за патрониот празник имаше слична презентација и слики со убавините на градот беа поставени во просториите на училиштето.