Во Куманово 11 згради ќе добијат енергетско ефикасни фасади
Единаесет згради во Куманово ќе добијат енергетско ефикасни фасади преку проектот на „Хабитат Македонија“, кој го финансира Европската Унија.

Се работи за згради во централното градско подрачје, но и во населбите, кои имаат потреба од реконструкција.
Општина Куманово јавниот повик го распиша на 25 мај, аплицираа управители на згради и заедници на станари, за реконструкција на кров, фасада или заеднички простории. Општината помага со 30 отсто од вредноста на проектот, а останатите средства ќе ги обезбедат станарите со бескаматен кредит од „Хабитат“
Според објавената листа во наредните две години ќе се работи на зградите на улиците: „Ленинова„ бр 2/1и 2, Плоштад Нова Југославија, „Иво Лола Рибар“ бр 18, „Народна Револуција“ бр 1/ 1,2 и 3, „Народна Револуција„ бр 30/ 1 и 2, „Димитрие Туцовиќ“ бр 2/1 и 2, „Титова Митровачка“ бр 8/4, „Моша Пијаде„ бр.224, „Моша Пијаде“ бр.226, „Драган Стопаревиќ„ бр 12, и „Титова Митровачка„ бр 2/1.
„Сите објекти кои се на списоко ќе бидат реконструирани, а динамиката ќе биде според ранг листата. Ќе се започне со средување на техничката документација, а откако ќе се избере изведувач ќе се започне со конкретна реализација. Прво ќе се работи на пет проекти и како ќе се завршат тие ќе се продолжи со другите и се така до завршување на проектот“, вели Горан Митевски од Општина Куманово.
Со проектот ” Подобрување енергетска ефикасност во колективно домување”, вреден 3 милиони евра, ќе бидат опфатени околу 200 објекти во три општини Куманово, Карпош и Кочани.