Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Утре е последен ден до кога граѓаните можат да го дадат својот потпис за поддрша на кандидатурата на независни кандидати за пратеници на Собраните на Република Македонија што ќе се избираат на вонредните избори на 5 јуни годинава.
Во Општината Куманово единствен кандидат за независен пратеник е Марјанчо Ангеловски, сообраќен инженер, вработен во СВР Куманово, женет и татко на две деца, кој излезе со барање потписи од група граѓани, најмалку 1000 поддржувачи, кои својот потпис треба да го дадат во Подрачната единица на Министерството за правда во Куманово, како и во неколку поголеми месни заедници на подрачјето на Општината.
„Се одважив да го остварам моето демократско право и да побарам поддршка од своите сограѓани да се кандидирам на претстојните избори иако знам дека шансите ми се речиси никакви со оглед на многу високиот цензус на 1.000 потписи. Финансиски не сум во можност да спроведам поширока презентација на мојата кандидатура, но гледајќи што се случува во оваа неправна држава последниве пет години одлучив барем на овој начин да покажам дека не сум задоволен од начинот на кој владее оваа влада. Нефункционирањето на правната држава мошне болно го почувствував и на сопствениот грб преку репресиите што ги претрпев од оваа власт и како поранешно раководно лице во Полицијата и како граѓанин - изјави Ангеловски.
Листите на кандидати за пратеници во Собранието на Република Македонија овластените пратеници на предлагачите треба да ја достават до ДИК најдоцна 30 дена пред денот на одржувањето на изборите односно до 24 часот на 5 мај.