Во Куманово евидентирани 4 деца жртви на насилство
Во Куманово се регистрирани вкупно 16 лица жртви на семејно насилство, а од нив 4 се деца, велат од Министерството за труд и социјална политика.

Денеска е Светскиот ден за превенција од насилство врз деца. Во периодот јануари - септември 2015 година во Република Македонија по однос на семејно насилство пријавени се 802 случаи од кои евидентирани се 92 деца.
Согласно со Законот за семејно насилство дете е жртва кога трпи директно насилство, кога е присутно на насилни односи помеѓу членовите на неговото семејство или кога живее во средина во која има насилни односи - објаснуваат од МТСП.
Психолозите велат дека насилството врз децата остава трајни последици врз нивниот развој и понатамошен живот. За разлика од физичкото, психичкото насилство кое се премолчува може да доведе или до повлеченост кај децата или да бидат агресивни.
Ако детето психички е малтретирано подолго време, може истите методи да ги применува и кога ќе има семејство. Тоа е некое непишано правило, дека може да биде и поголем насилник од насилникот кој го малтретирал. Психичкото насилство остава длабоки траги, ако детето не разговара за тоа, ако премолчи. Тоа понатаму создава проблеми во социјалните контакти на детето, се повлекува во себе, се изолира или пак избувнува за ситници, односно реагира агресивно затоа што малтретирањето е акумулирано повеќе време - рече Кети Берјановиќ Доцевска, психолог.
На децата жртви на насилство им е потребна помош од стручно лице, за надминување на проблемите.