Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Под мотото „Непокор и слобода" денеска на Спомен костурницата на паднатите борци од НОБ во Куманово се одржа централната манифестација на прославата на 11 Октомври - Денот на народното востание.
На 82 -годишнината од почетокот на антифашистичката борба премиерот Димитар Ковачевски потсети дека нашата земја секогаш била на вистинската страна на историјата, па и за време на Втората светска војна, кога застанала меѓу прогресивните антифашистички сили.
„И денес сме рамо до рамо во НАТО и со државите членки на ЕУ, во одбраната на мирот. И имаме обврска да останеме на европскиот пат и фокусирани на европските вредности - во името на сè што е постигнато со македонскиот непокор до денес. И со којшто, уверен сум, ќе ги обезбедиме и нашите европски перспективи, реформирајќи го нашиот вековен македонски државен капацитет, во врвен европски капацитет кој ќе покаже дека дента кога ќе влеземе во ЕУ, нашата држава ќе биде најбрзорастечка економија во Унијата. Ако некој мисли дека покрај големото, драгоцено историско искуство, може, со било што, да ја разниша самодовербата на македонскиот народ, наметувајки му чувство на жртва, ставајки го во улога на постојано онеправден и зависен од волјата на други и во изолација – сакам да порачам, дека - многу згрешил во проценките! Неправди имало и ќе има - и тоа насекаде во светот.Но, македонскиот народ, сите граѓани на нашата држава, секогаш по слободна волја избирал непокор. И никогаш не сме дозволиле перспективите на државата да зависат од други. Преземал акција, по цена на какви било жртви. И успевал“, кажа Ковачевски во својот говор.
На прославата се обрати и градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, кој ги повика политичарите заеднички и сплотени да работат на развојот на држава, носејќи важни и неопходни одлуки, кои ќе ни донесат стабилност и сигурност.
„На денешниот голем празник за Македонија, како симбол на идеалот за слободата и правдата, придобивките од македонската револуционерна борба не потсетуваат и обврзуваат да продолжиме по патот на правдата и вистината, градејќи современа, демократска и правна држава, во која секој граѓанин ќе добие еднакви можности за достоинствен и убав живот, живот каков што заслужува. Нашите претци не задолжија себично и внимателно да го чуваме ова скапоцено парче земја, кое тие ни го подарија, положувајќи ги своите животи, а денеска истите почиваат овде“, кажа Димитриевски.
Венци и свежо цвеќе положија претсавници на Сојузот на борците, Владата, Собранието, Кабинетот на претседателот,АРМ, МВР, локалната самоуправа, дипломати, институции, здруженија, политички партии и граѓани.