Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Околу 1500 возила се увезени во Куманово во последните три месеци, поради што се зголеми број на барања за пререгистрација на возила на македонски таблички. Најголем дел од автомобилите се до 16 години, увезени од Бугарија, Словенија , Германија, Италија и другите европски држави.
Тоа создаде турканици и нервоза во Одделението за управни работи во СВР Куманово каде што се поднесуваат барања. Законската обврска за решавање на барањето е 30 дена, но поради зголемениот обем на работа процедурата трае подолго.
Тоа не е наша вина, бидејќи подолго трае процедурата во Интерпол за проверка на легалноста на возилата. Ние работиме со полн капацитет да се заврши работата навреме. Сопствениците на половните возила треба да имаат царинска декларација и уверение за хомологација пред да ја почнат постапката. Ние овие барања ги доставуваме до Секторот за управно надзорни работи во Скопје, каде се врши проверка дали автомобилите се предмет на меѓународна потрага. За 900 предмети имаме издадено таблички, 200 се во процедура на издавање и остануваат уште 400 барања за обработка. Од претхониот месец се уште немаме добиено одговор за 37 барања за кои треба да се добие потврда од Интерол - вели Горан Ангеловски раководителот на Одделението за управни работи во Куманово.
Од МВР велат дека порано на Интерпол му биле потребни две до три недели преку својата мрежа да провери се што е потребно за едно возило, но сега овој временски рок е подолг.Граѓаните се нервозни и велат дека толку долго се чека само во Куманово.
Педесет дена сум без автомобил. Ми ги зедоа табличките и секој ден доаѓам да видам кога ќе бидат готови. Никаде не се чека толку долго.Во Тетово и Гостивар им ги даваат табличките за неколку дена-вели еден граѓанин.
Од полицијата велат дека тоа е невозможно, бидејќи процедурата на Интерпол е задолжителна за сите половни увезени возила во земјава, бидејќи без неа не може да се добијат македонски регистерски таблички. Тие бараат трпение од граѓаните и ветуваат дека невреме ќе ја завршат пререгистрацијата на увезените возила.
Во Куманово најголем дел од автомобилите се до 16 години, увезени се од соседна Бугарија, Словенија , Германија, Италија и другите европски држави.