Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Општина Куманово од 1 септември, на својата веб страница ќе го воведе Географски-информационен систем (ГИС), каде граѓаните по електронски пат ќе имаат увид во фактичната состојба на Деталниот урбанистички план (ДУП) и градежните парцели во општината.
Секој граѓанин кој ќе сака да види што е предвидено во неговата катастерска парцела ќе може тоа да го направи преку оваа апликација. Граѓаните ќе можат да се информираат дали им е предвидена површина за градба, за која намена е и сл. Оваа алатка ќе им овозможи на граѓаните да дојдат до бараната информација по електронски пат, без притоа физички да ги посетуваат просториите на општинската администрација.
„ Откако ќе биде поставена апликацијата на сајтот на Општина Куманово, граѓаните ќе можат да се регистрираат како корисници и да си дадат точки на интерес. Во однос на тоа за што се заинтересирани, тие и ќе добиваат информации. На пример, дали за нивниот дел се работи некој детален урбанистички план. Доколку се работи за тој дел се организира јавна анкета и презентација и тие ќе бидат известени на нивната е-маил адреса за да можат да бидат присутни“, рече Емилија Сларидис Јаневска, раководител на Секторот за урбанизам во Општина Куманово.
За полесен пристап на граѓаните кон апликацијата, најпрво ќе биде изготвено кратко упатство за употреба, кое ќе биде поставено на сајтот на Општина Куманово, а исто така на граѓаните ќе им бидат поделени и флаери со упатство за употреба, на неколку локации во градот. За вработените на Општината беше спроведена обука за користење на апликацијата.
Сларидис Јаневска, посочи и дека ова е првичната верзија на апликацијата, а понатаму ќе работат и на нејзино надоградување, со цел се` да биде што е можно потранспарентно и достапно за граѓаните и јавноста.
Апликацијата е направена со средства од буцетот на Општина Куманово, а таканаречената „паметна електронска карта“ ја има изработено економскиот оператор ИНЦ системи од Скопје.
(Ф.Марковска)