Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Вкупно 938 ученика се запишани во првиот уписен во петте средните училишта во Куманово. Оваа година поголем интерес има за упис во средните стручни училишта, отколку во гимназиските паралеки.
Во Техничкото училиште „Наце Буѓони“ во првиот уписен рок се пријавиле 388 ученици, а се запишале 322. Примени се 177 ученика во паралелките за настава на македонски јазик, а 145 на албански јазик.
„И оваа година имаме најголем број на запишани ученици. Насоката за компјутерска техника и автоматика е пополнета во целост, две пралелки со вкупно 68 ученика, а голем интерес побуди и електротехничар-енергетичар. Се помалку ученици се пријавуваат на здравствената струка, но и генерално има пад на бројката за ова анасока“, истакна директорот Драган Јаневски.
Во „Наце Буѓони“ годинава има место за 637 ученици во прва година во повеќе стручни насоки и тоа- во машинската струка: техничар за компјутерско управување , машинско – енергетски техничар, конструкциски механичар; во електротехничката струка: електротехничар – енергетичар, електротехничар за компјутерска техника и автоматика, електромеханичар и техничар за индустриска мехатроника и во здравствената струка - медицински сестри. Од новозапишаните ученици 297 ќе следат настава на македонски јазик, а 340 ученици на албански јазик во 10 паралелки.
Директорката Мила Жибак - Димковска информира дека во „Перо Наков“ се пријавиле 336 ученици, а се запишале 206 ученици, од кои 146 на македонски наставен јазик, и 60 на албански наставен јазик.
„Традиционално најголем интерес има за техничар за е - трговија и дигитален маркетинг, од економските паралелки и графички дизајн од уметничките насоки. Тие два смера секогаш ги пополнуваме уште во првиот рок“, потенцира Жибак Димковска.
Училиштето „Перо Наков“ оваа година има 529 слободни места за упис во прва година. Од тоа настава ќе се организира за 286 ученика во 10 паралелки на македонски јазик и 243 во 9 паралелки на албански јазик.
Учениците можат да конкурираат за насоките за економски техничар, бизнис администратор, техничар за е-трговија и дигитален маркетинг, правен техничар, продавач, референт за продажни услуги на економско-правна и трговска струка, како и за техничар за изработка на облека, техничар за обувки, техничар за моделирање на обувки, техничар за моделирање на облека/техничар за дизајн на облека, техничар за дизајн на облека од текстилно - кожарска струка. Постои и насока за графички дизајн на уметничко образование – ликовна уметност и дизајн.
Во Гимназијата „Гоце Делчев“ запишани се 164 ученика во прва година.
„Во паралелката со настава на српски јазик има пријавено 7 ученика и 7 за билингвалната, а останатите 149 се за општо-гимназиско образование. Очекуваме дека бројката ќе се зголеми по вториот уписен рок, иако сме изненадена со опаѓањето на бројот на апликации, што е тренд последниве години“, изјави Марија Тодоровска, директорка на Гимназијата.
Во Гимназијата Гоце Делчев има место за 330 ученика во прва година.
Гимназија „Сами Фрашери“ запишала 116 ученици на албански наставен јазик, од 124 пријавени.
Во Регионалниот центар „Киро Бурназ“ примени се 130 ученици, од кои 100 настава ќе ја следат на македонски јазик и 30 за албански.
„Најголем интерес учениците покажаа за земјоделско-ветеринарната струка, потоа за насоката за сообраќаен техничар и за здравствената струка“, изјави Весна Трајковска, директорка на училиштето.
Во Киро Бурназ МОН распиша конкурс за 486 ученици, и тоа земјоделско-ветеринарната струка со насоките агротехничар / техничар за агроменаџмент и техничар по ветеринарна медицина / техничар за фитомедицина, потоа за хемиско-технолошката струка со насоките за прехрамбен техничар, техничар за козметички и хемиски производи и пекар, од струката за лични услуги се нудат техничар за козметичка нега и убавина, и фризер, а за машинската струка-машински техничар за моторни возила.