Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Кумановско–Липковскиот регион, ЕВН Македонија и МВР откриле 500 броила од кои се краде струја. Акцијата се спроведувала во последните три месеци, а ги опфатилa корисниците од општините Куманово, Липково и Старо Нагоричане.
Како што соопштува компанијата, на сопствениците на манипулираните броила им следува пресметка за неовластено користење на електричната енергија во висини од 3.000 до над 20.000 евра - во зависност од времетраењето на манипулацијата. Покрај парична може да им биде изречена и казна затвор во траење до три години. Кривичните пријави за овие корисници ќе бидат доставени до надлежните судски инстанци. Досега во земјава на 1.010 корисници им се доставени кривични пријави, од кои 150 во Куманово, а подготвени се уште 130 кои ќе бидат доставени во наредниот период.
Од ЕВН Македонија апелираат до сите корисници да не крадат струја и да не наседнуваат на понудите од одредени криминални групи за диво приклучување на броилата, бидејќи порано или подоцна ќе бидат откриени. Новиот систем за следење на манипулации со броилата, буквално во секој момент ги дава информациите за извршени нелегални активности врз броилата. КЕЦ Куманово кој опслужува 50.000 корисници, и во наредниот период ќе ги продолжи контролите на броилата. Целта е да се расчисти до крај со кражбите на електрична енергија.