Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Учениците Македонци од ОУ „Битолски конгерс„ во селото Лопате, денеска ја бојкотираа наставата, поради тоа што вчера биле истепани три нивни соученика, од ученици Албанци.
Родителите се заканиле дека нема да ги пуштат децата на училиште се додека не се расветли случајот и не се казнат насилниците.
Според информации од полицијата, тројца ученици Македонци без повод и причина биле нападнати од поголема група ученици од албанска националност. Двајца напаѓачи фатиле едно момче, а друг го удирал со тупаници и клоци по телото. Истепаните деца кажале дома што им се случило и пријавиле во полиција, по што родителите заминале во училишето. Но наместо подршка, директорот на училиштето попладнето пријавил во полиција дека еден од родителите на тепаните деца, се пресметал со едно од децата напаѓачи. По извршената проверка на полицијата било утврдено дека родителот воопшто не бил на посоченото место, туку работел во нива. Тоа уште повеќе ја подигнало тензијата во селото.
Од СВР Куманово велат дека работат на расчистување на случајот, пронајдени се насилниците и ќе биде поднесена соодветна пријава.За утре во училиштето е закажан состанок со родителите, и со надлежни институции во градот за да се смират страстите и учениците да се вратат на настава.
Директорот на „Битолски конгрес„, денеска не го пријавил случајот на состанокот во Општината, каде се разговарало за безбедноста на учениците во основните и средни училишта.
Во ОУ „Битолски конгрес„ има само триесетина ученици кои посетуваат настава на македонски јазик и околу 400 Албанци.