Мени

Во Макреш изгореа 20 хектари нискостеблеста шума и сува трева

21.03.2026 10:57 | KumanovoNews

Во голем пожар во селото Макреш, општина Старо Нагоричане, синоќа изгореа поголеми површини со нискостеблеста шума и сува трева.

Во Макреш изгореа 20 хектари нискостеблеста шума и сува трева

Според информациите од Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) во Старо Нагоричане, пожарот бил гасен од 19:00 часот до полноќ.

„Во пожарот во с. Макреш беше зафатена површина со сува трева и нискостеблеста шума. Интервенирано беше со едно противпожарно возило и тројца пожарникари до 23:40 часот“, информираат од ТППЕ.

Од Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК) соопштија дека огнот зафатил околу 20 хектари сува трева и ниска вегетација.

Со затоплување на времето, започнува и појавата на пожари на отворено, поради тоа што земјоделците ги чистат нивите и ги палат стрништата.

Минатата недела  беше приведен жител на селото Алгуња откако предизвикал пожар на туѓ имот. Тој се сомничи дека во селото Челопек запалил сува трева и стрниште, при што пожарот се раширил на соседната нива и зафатил дрвја во овоштарник.