Во мизерни услови работи подрачното одделение на ДИК во Куманово

28.08.2021 08:56 | Сузана Николиќ

Во мизерни услови работи подрачното одделение на Државната изборна комисија (ДИК) во Куманово, каде што се собираат потписи за независните кандидати и се врши увид во избирачкиот список за претстојните локални избори на 17 октомври. Зградата во која се сместени канцелариите е стара и запуштена, па повеќе личи на шупа отколку на административна служба на државна институција.

Во мизерни услови работи подрачното одделение на ДИК во Куманово

Вработените кажуваат дека тие постојано реагираат на катастрофалните услови на работа, но никој не презема ништо да ги поправи.

„Гледате сами како изгледа. Зградата се распаѓа, ѕидовите и плафонот испукани, прозорците стари. Кровот протекува, ставаме кофи и канти да не нè поплави. Мириса на влага и мувла. Кога ќе заврне силен дожд за два сата канцеларијата е во вода, има опасност и документите да ни ги натопи. Патосот е целосно иструлен и пропаднат, сами купивме мушама за да ги покриеме дупките. До пред две години се греевме на ќумбиња на дрва, сега на грејалици на струја. Ни инсталацијата не ни е сигурна. Немаме тоалет, одиме во џамијата или околните кафулиња и институции. Немавме ни вода, па сами приклучивме една чема од соседната општинска канцеларија колку раце да измиеме“, се жалат вработените.

И мебелот со кој се опремени канцелариите е од минатиот век. Сè е старо и распаднато. Нови се само столиците, кои скоро им ги пратиле од ДИК.

Тие кажуваат дека пред 15 години Општина Куманово реновирала еден дел од зградата за своите вработени, додека канцелариите на Министерството за правда и ДИК, останале непипнати. Имало најава дека ќе се преселат во друг објект, но засега без реализација.

Зградата во која е сместено подрачното одделение на ДИК се наоѓа помеѓу Основниот суд во Куманово и Кумановската полиција, без уреден пристап и обележан влез, зараснат во грмушки и трева, опколена со стари и запуштени автомобили.

Луѓето кои собираат потписи за независните листи, се жалат дека нивните поддржувачи не можат да ги најдат и дека лицата со инвалидитет не можат да влезат во зградата.

„Имаме реален проблем со просториите на ДИК. Зградата е затурена, а никаде нема табла. Во повеќе случаи наши луѓе ќе дојдат до тука и не можат да се снајдат, па ни вртат да им објасниме каде се наоѓа. Вработените не се виновни, тие работат со тоа што им го дала државата. Срамота е како изгледа целиот простор“, реагираа членовите на граѓанската иницијатива „Фронт“.

Од ДИК Куманово кажуваат дека за лицата со инвалидитет излегуваат надвор со списокот за да им овозможат да се потпишат на листите, а за сè останато признаваат дека е така, но кажуваат дека тие сами ги сечеле гранките од дрвјата за да го расчистат пристапот и сами плаќале чистачка да ги исчистат просториите, бидејќи за тие потреби не добиваат средства од матичната институција.

2008 - 2021 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk