07. 04. 2020 12:25

Во Општина Старо Нагоричане нема заболени од коронавирус

Во Општина Старо Нагоричане нема заболени од коронавирус

 Старо Нагоричане е една од општините на чија територија нема регистрирано случај на заболени од коронавирус.

Градоначалничката Жаклина Јовановска ги повика жителите да продолжат да бидат одговорни и да се грижат за своето здравје и за здравјето на своите најблиски, но апелира и до жителите на Куманово, кои доаѓаат во своите викенд куќи да се однесуваат совесно и одговорно, за да не дојде до ширење на вирусот.

- До овој момент на територијата на Општина Старо Нагоричане немаме ниту едно заболено лице од коронавирус, да се погрижиме да остане така и во наредниот период. Ги замолувам сите мои сограѓани и понатаму доследно да ги почитуваат мерките за заштита од вирусот и препораките на Министерството за здравство и одлуките на Владата. Да не излегуваат од дома без потреба. Често да ги мијат рацете и редовно да одржуваат лична хигиена. Ако имаат неодложна потреба да излезат надвор да држат растојание најмалку 2 метри од соговорникот. Истото се однесува и на луѓето од соседните општини кои престојуваат во нашата општина, - порачува Јовановска.

Таа додава дека Општината ги презела сите активности и формирале кризен штаб кој ги реализира мерките за заштита од коронавирус. Извршена е дезинфекција на улиците во населените места, поделена е заштитна опрема и средства за дезинфекција на вработените во Општината и јавните претпријатија, а се подготвува и хуманитарна помош за ранливите категории на граѓани.

Во Општината Старо Нагоричане најголем дел од населението се занимава со земјоделство, а Владата одлучи земјоделските лица и фармери кои работат и се движат во атарот на руралните средини и оние кои одгледуваат раноградинарски култури и имаат неодложни активности за одгледување на истите во овој период, млеко производителите, како и другите лица и институции претходно опфатени во исклучоците за овие мерки и забрани, се ослободуваат од продолжениот полицискиот час со посебно одобрение.

2008 - 2019 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk