Граѓаните ќе добиваат СМС пораки за заштита од западнонилска треска, досега 38 заболени
Граѓаните од општините во кои е прогласена епидемија на западнонилска треска ќе добиваат СМС пораки со совети и препораки за заштита од убоди од комарци.
Во рамки на кампањата предвидено е да бидат испратени околу 38.500 СМС пораки до граѓаните во засегнатите општини, со цел навремено да се информираат за мерките за лична заштита.
Надлежните апелираат граѓаните да ги почитуваат препораките, меѓу кои е отстранување на застоената вода од дворовите, како што се тацни од саксии, стари гуми и канти, како и редовно чистење на олуците. Се препорачува и поставување заштитни мрежи на прозорците и вратите, избегнување престој на отворено во зори и самрак, кога комарците се најактивни, како и носење облека со долги ракави и панталони и користење репеленти.
При појава на симптоми, како висока температура, главоболка и вкочанетост на вратот, граѓаните треба веднаш да побараат лекарска помош и да го известат лекарот доколку престојувале во засегнатите подрачја.
Во Македонија досега се регистрирани вкупно 38 случаи на западнонилска треска – 36 потврдени и два веројатни. Од нив, 37 се регистрирани во Скопскиот регион. На 11 август, ЦЈЗ Скопје прогласи епидемија на западнонилска треска во општините Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром и Бутел.
Регистрирани се и четири смртни случаи кај лица со невроинвазивна форма на болеста. Во периодот од 12 до 18 август пријавени се 12 нови случаи.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат спроведе контрола на активностите за дезинсекција во сите општини. Продолжуваат и систематските и вонредните активности за ларвицидна и адултицидна дезинсекција, по епидемиолошка индикација, со авионско и терестичко третирање.
Активностите се спроведуваат на територијата на Град Скопје и во општините Гази Баба, Кисела Вода, вклучително и населбата Драчево, Арачиново, Зелениково, Илинден, Петровец, Сопиште, Чучер Сандево и Велес.
Министерот за здравство Сашо Клековски информираше дека Министерството продолжува со засилени активности за информирање и заштита на населението во општините зафатени со зголемено присуство на случаи на западнонилска треска, паралелно со редовните мерки за контрола на популацијата на комарци.