Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Пензионерите во трето доба го негуваат фолклорот, за кој велат дека е нивни еликсир и ги одржува во живот.
Над 120 пензионери од североисточниот регион денеска продефилираа во Центарот за култура “Трајко Прокопиев“, на 13- та по ред Регионална ревија на песни, музика и игри. Пензионерите од Куманово, Чаир, Аеродром, Центар, Крива Паланка и Кратово се претставија со фолклор од Куманово и други делови на Македонија. Велат дека за нив фолклорот е уметност која трае со векови и која се пренесува од генерација на генерација.
Ова е посебно свечен и значаен ден за Куманово. Ќе го видиме она што го достигнуваат пензионерите во трето доба, во однос на културно-уметничкото творештво. Во исто време тие се своевиден продолжувач на народно-фолклорното богатство на нашиот народ кое се пренесува од генерација на генерација. Да не заборавиме да ги продолжиме тие традиции кои се присутни со векови во Македонија - вели Спирко Николовски, претседател на Здружение на пензионери Куманово.
Кумановските пензионери досега имаат реализирано скоро 300 фолклорни настапи во земјава и странство. Музиката , играта и песната ги исполнува и ги одржува витални.
Две години се занимавам со фолклор. Си го исполнувам слободното време, се дружиме и за здравје е добро. Ги сакам македонските ора, кумановските ора, оро од Егејска Македонија. Два пати неделно имаме проби што е доволно. Имавме многу настапи и просто не можам да ги избројам - рече Живко Стефановски, играорец од КУД“Ѓоко Симоновски“ од Куманово.
И Светлана Цветковска две години е активна во истото друштво. Вели дека од млада е голем љубител на народната музика и игра, и затоа во пензионерските денови се посветила на фолклорот.
Не сум испуштила ниту една проба, многу сум активна. Од мала сакам да играм и пеам и ќе играм и пеам се додека можам, додека сум жива. Ги сакам сите игри “моравац“, “пајдушко“, “жикино оро“. Имам три внуци и нив ги учам да го сакаат фолклорот - изјави Цветковска, играорец.
Пред почетокот на ревијата беа изложени народни носии во холот, сопственост на 79 годишната Јанинка Костадиновска. Носиите и се стари повеќе од еден век, ги наследила од домашните, а самата изработува чорапи кои се составен дел од носијата.
Порано чорапите ги правев за 4 дена, а сега за 6 дена, затоа што сум стара и се зависи од шарата колку е комплицирана да се изработи. Тоа ми е рекреација, ми дава живот, надеж за живеење. Ако не би било тоа, ќе пишувам поезија или со нешто друго ќе се занимавам. Досега сигурно имам изработено над 1000 чорапи, и многу имам продадено во странство - објаснува Костадиновска.
Куманово по трет пат е домаќин на Регионална ревија на песни, музика и игри.