Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
ЈП „Водовод„ и Водостопанство „Кумановско-липковско поле„ не се договориле за динамиката на плаќање на месечните сметките за потрошена вода. Раководствата на двете претпријатија меѓусебно се обвинуваат за пропаѓање на преговорите, и околу цената на водата и висината на сметките за потрошените количини вода.
По денешниот состанок раководството на Водостопанство тврдеше дека од Водовод не прифатиле да се исплаќа целата сума за потрошена вода, туку само делумно.
Директорот ни понуди од досегашните 1,2 да ни исплаќа по 1,5 милион денари, наместо 2,5 милиони денари колку што месечно должат. Ние останавме на ставот дека треба да ни се исплаќаат сите сретства за потрошената вода, не само заради исплаќање на платите, туку и за другите активности што ги имаме како водостопанско претпријатие. За другите проблеми околу испораката на вода и цената не ни зборувавме, поради арогантноста и нарцисоидноста на директорот на Водовод- вели Емрла Укшини, раководител во Водостопанство.
Директорот на Водовод Виктор Божиновски ги отфрла изнесените наводи и вели дека првите луѓе на Водостопанство не ја кажуваат вистинската состојба за случувањето на состанокот.
Тие лажат дека им должиме 2,5 милиони денари на месечно ниво за потрошена вода. Ние немаме потпишано договор за цената на водата, и тие сметаат по некоја нивна тарифа, а не по 2,2 денари за метар кубен колку што е по стариот договор. Ние досега им исплаќавме по 1,2 милиони денари, а прифативме натаму да плаќаме по 1,5 милони денари и таа сума целосно ги покрива месечните фактури на Водостопанство- дециден е Божиновски.
Од Водостопанство најавија дека доколку не се постигне договор ќе ги повикаат граѓаните да не ги плаќаат сметките за вода, додека од Водовод најавија за утре прес-конференција на која подетално ќе ги изнесат своите ставови за целиот проблем.