Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Од 13 февруари 2024 година, престануваат да важат пасошите и возачките дозволи со името Република Македонија и во важност ќе бидат само патните исправи со името Република Северна Македонија, велат од МВР.
„Околу возачките дозволи, ги известуваме граѓаните дека од 00 часот на 13 февруари 2024 година ќе важат само возачките дозволи со името Република Северна Македонија. Министерството за внатрешни работи ќе постапува согласно закон и затоа апелираме граѓаните да не управуваат возило доколку немаат валидна возачка дозвола со името Република Северна Македонија. Предупредуваме и дека во случај на настаната штета при евентуална сообраќајна несреќа, поради невалидната возачка дозвола, граѓаните кои немаат валидна возачка дозвола ќе мора да ги сносат последиците околу евентуалната штета“, велат од МВР.
Оттаму ги замолуваат граѓаните со стари патни исправи воопшто да не се обидуваат да излезат од нашата држава затоа што тоа нема да биде возможно. Граѓаните со двојно државјанство ќе можат непречено да ги користат патните исправи од другата држава. Исто така, се потенцира дека било кој граѓанин на Република Северна Македонија кој ќе дојде на граничен премин за влез во нашата држава, ќе биде примен без оглед на тоа со каква патна исправа доаѓа.
Што се однесува до личните карти, тие ќе важат и по 13 февруари, без оглед дали се со името Република Македонија или Република Северна Македонија и граѓаните ќе можат да ги користат непречено на територијата на целата држава. За излез, пак, од државата во земјите со кои имаме билатерални договори за патување со лична карта, граѓаните нема да бидат враќани од страна на нашите гранични полициски службеници доколку имаат лична карта со името Република Македонија, но не се гарантира дали ќе бидат примени од другите држави. Истото важи и за сообраќајните дозволи, како и за личните карти.
„Во однос на налепниците НМК за регистерските таблички, повторуваме дека тие се комплетно бесплатни за граѓаните, а секоја евентуална злоупотреба односно било какво наплаќање ќе биде ригорозно санкционирано. Граѓаните можат во било која станица за технички преглед да отидат со возилото и сообраќајната дозвола и од страна на контролор од станицата за технички преглед ќе им бидат залепени налепниците на регистерските таблици“, велат од МВР.