Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Вработените во Градинката „Ангел Шајче“ во Куманово, во понеделник ќе одржат получасовен предупредувачки протест, кој ќе продолжи и во наредните денови доколку не им се исплати јунската плата.
Одлуката била донесена синоќа на состанок на кој присуствувал и претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура(СОНК) Јаким Неделковски.
„Во понеделник ќе протестираме пред управната зграда на улицата Моша Пијаде, во периодот од 12.30 до 13 часот додека децата спијат. Ќе излезат само дел од вработените, затоа што другите мора да останат да ги надгледуваат децата. Во вторник незадоволството ќе го изразиме пред зградата на Општина Куманово, а дополнително ќе одлучуваме за понатамошни чекори. Можна е и радикализација и стапување во штрајк, доколку не биде исплатена платата“, истакна Цветанка Митевска, претседателка на регионалниот одбор на СОНК.
Локалните власти се недостапни за изјава или информација околу актуелните случувања. Раководството на градинката дополнително ќе ја извести јавноста, и никој не сака да каже што ја кочи исплатата на платите. Неофицијално, проблемот е на релација Општина Куманово и Министерството за финансии, поради нови вработувања кои биле реализирани во иминатиот период. Се работело за 7 итни и неодложни вработувања за кои согласност дала Општина Куманово, а досега ги плаќалo министерството. Со смена на власта им било кажано дека парите за нивните плати треба да ги обезбеди Општината. Во меѓувреме тие биле отпуштени зашто им завршил договорот .
Вработените се надеваат на разбирање од родителите на децата кои ги згрижуваат.
„Апелираме за поддршка и разбирање од родителите, ќе се потрудиме да не дојде до прекин на услугата, но не можеме да ветиме. Се надеваме дека ќе застанат на наша страна, страната која само бара исполување на нивните основни права- да бидеме платени за времето и трудот што сме го вложиле“, истакна Митевска.
Постои извесна надеж дека набргу работите ќе си дојдат на свое место, има назнака дека Министерството за социјална политики, демографија и млади интензивно го разгледува случајот. Притисок на државните институции врши и централата на СОНК во Скопје која ги подготвува неопходните писма, правни документи и дозволи за штарјкување, но и комуницира со надлежните и во министерството и во Општина Куманово.
Ако денеска не биде исплатен личниот доход на воспитувачките, негувателките, помошно- техничкиот персонал и администрацијата, од понеделник ќе немаат здравствено осигурување. Без плата се 232 вработени, меѓу кои и самохрани родители, брачни парови или болни лица.