Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
На вработените на ЈП „Пазариште“ од Куманово се уште не им е исплатена ноемвриската плата, иако до 15 јануари требало да ја добијат и декемвриската.
Со ова двомесечно доцнење на платата, на вработените покрај што им е загрозена основната егзистенција, немаат ни здравствено осигурување за себе и за семејствата.
Пред празниците им била исплатена октомвриската плата и половина од К-15, откако Општина Куманово ги упалтила дел од средствата од 3 милиони денари за зголемување на оснивачкиот влог.
Од синдикатот пред неколку дена рекоа дека причина за доцнење на платата е што судот не ја одредил рамката за тековните трошоци, но вработените велат дека повторно нема пари.
Во неколку наврати директорот Газим Кадриу пред советниците кажа дека претпријатието не може само да ги сервисира зголемените лични доходи на вработените, а дополнителен проблем е што сточниот пазар е затворен со решение на Агенцијата на храна и ветеринарство пред повеќе од една година, како и намалениот број на закупци на тезги.
„Ве потсетувам дека во 2021 и 2022 година платниот фонд на претпријатието бил 1.450 милиони денари, а сега е 2.2 милиони денари. Разликата е 650 илјади денари месечно, а претпријатието нема капацитети да генерира дополнителни приходи“, кажа Кадриу.
Вчера не успејавме да го слушнеме директорот да каже како ќе го решава проблемот, бидејќи е на пат надвор од државата, а претставникот на синдикалната организација Зоран Спасовски не одговараше на нашите повици, ниту, пак, вработените сакаа да кажат каков е нивниот став по ова прашање.
Во ЈП „Пазариште“ има 41 постојано вработен и двајца преку агенција за привремени вработувања. На последната едница на Советот е изгласана одлука за 5 нови вработувања во 2025 година.