×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Врачени наградите на најдобрите на Денови на комедија во Куманово

    10.10.2024 11:59 | Оливера Пешевска

    На завршната вечер на фестивалот „Денови на комедија“ синоќа во Центарот за култура во Куманово, беа доделени наградите на добитниците.

    Врачени наградите на најдобрите на Денови на комедија во Куманово

     Наградите ги врачија режисерот Александар Илиевски, претседател на жирито и директорот Сашо Тодоровски, инаку и член на Советот на фестивалот.

    Актерот Фаик Мефаиловски ја доби наградата за најдобра машка улога во претставата „Вечера за глупаци“ на Театар „Јордан Хаџи Константинов“ од Велес.

    „Ова награда значи дека посветеноста се исплати, и тоа секогаш. Овде во Куманово имаше некаде околу 700-тина луѓе и кога ќе успеете да насмеете толку луѓе, до солзи тоа е едно прекрасно чувство. Како да ви кажам, ова е едно признание кое ве тера да одиме натаму. Свесен сум дека претставата е добра и дека е добро одработен лик, ние глумците секогаш најдобро знаеме за себе си што сме направиле, така да искрено очекував дека ќе добијам награда, реално. Нас ни е секогаш пријатно кога ќе дојдеме овде во Куманово, се надевам дека секоја година ќе доаѓаме и ќе се смееме заедно. За следната сезона повторно ќе работиме претстава со Ненад Витанов, комедија, така да можете да не очекувате и следната година“, истакна Мефаиловски, кој и минатата година во „Синиот портокал“ оствари забележителна улога.

    Својата награда тој ја посвети на сите колеги од Велешкиот театар, за кои вели дека се неговото театарско семејство. Со препознатливата реплика од претставата „Еве го ѕвони“ испечатена на маица, повторно успеа да ја насмее кумановската публика.

    На свеченоста топло беа поздравени и добија аплауз и останатите добитници на наградите Марија Минчева Андонов за главна женска улога во претставата „Женидба“ на Театар Штип. Марко Трајковиќ од Театар Куманово за најдобра машка споредна улога во „Како што сакате“, Марија Новак за најдобра споредна женска улога во „Секс, лаги и љубомора“ на Театар Охрид. Локалниот ансамбл освои уште две награди на фестивалот- Марија Ветерова за сценографија и Лидија Георгиева за костимографија во претставата „Како што сакате“. За најдобра режија наградата припадна на Куштрим Бектеши за „Итроштините на Патук“ на Театар Тетово. За најдобра претстава на фестивалот наградата ја доби „Пар распар“ на Театар Комедија од Скопје, а му беше врачена на директорот на институцијата Дарко Спасов.

    Одлуката ја донесе стручно жири на фестивалот во состав: Александар Ивановски, претседател и  Катерина Момева, Петар Андоновски, Ева Камчевска и Стефан Јакимовски, откако ги сумираше впечатоците од сите 11 претстави во официјалната конкуренција на фестивалот.

    Меѓународниот театарски фестивал „Денови на Комедија 2024“ свечено беше отворен на 24 септември, кога беше врачена и наградата Васил Иљоски на актерот Сашко Коцев за особен придонес во комедиографијата. Беа одиграни 11 претстави – по две продукции од Србија и Бугарија, и претстави од театарските куќи од Македонија.