Време е за ново, зелено Куманово, порача Димитар Миновски, кандидат за советник од СДСМ
Кандидатот за советник од СДСМ и Коалицијата, Димитар Миновски, денес на прес-конференција го претстави делот од програмата кој се однесува на животната средина, под мотото „Време е за ново, зелено Куманово“.

„Нашата визија е почисто, поздраво и попријатно Куманово — град кој ќе се развива со почит кон природата, граѓаните и идните генерации. Оваа програма претставува нов пристап кон урбаното планирање и животната средина, со конкретни мерки, видливи резултати и целосна транспарентност,“ изјави Миновски.
Тој најави дека новиот зелен мастер план за периодот 2025–2029 година е стратегија за одржлив развој на градот, со низа конкретни мерки:забрана за користење дрва и јаглен во јавните установи и транзиција кон пелети и гас, субвенции за инвертери за социјално ранливи семејства, контрола и санкции за индустриски загадувачи во соработка со Државниот инспекторат, одржување на Саем „Еко Куманово“ за промоција на зелени технологии, велосипеди и електрични возила, едукативни кампањи за рециклирање, штедење вода и енергија, поддршка за проекти за пошумување и уредување на зелени површини, следење на квалитетот на воздухот и водата, инсталација на соларни панели и подобрување на енергетската ефикасност во јавните објекти и вклучување на граѓанските организации во активности за чистење и заштита на животната средина.
„Во рамки на четиригодишниот период, предвидуваме засадување на 50.000 нови дрвја, а како дополнителна мерка воведување на субвенција од 5.000 денари за сите граѓани кои ќе одлучат да купат електричен тротинет или велосипед. Со ова сакаме да ја поттикнеме еколошката мобилност и да ги охрабриме кумановци да се движат на здрав, модерен и економичен начин,“ додаде Миновски, посочувајќи дека се планираат нови велосипедски патеки и безбедни паркинг-зони за велосипеди и тротинети.
Како трет приоритет, тој го истакна квалитетот на воздухот, најавувајќи поставување на мрежа од современи сензори за мерење на загаденоста на повеќе локации низ градот.
„Сите податоци ќе бидат јавно достапни во реално време преку бесплатна мобилна апликација и информативни панели на главните улици и крстосници. Така, секој граѓанин ќе има точни информации без филтри и манипулации,“ нагласи тој.
На крајот од прес-конференцијата, Миновски порача дека овие проекти се реални и остварливи: „Ова се реални потреби и реални чекори кон позелено, почисто и посовремено Куманово. Со вашата поддршка за СДСМ и Коалицијата, нашето Куманово ќе стане пример за одржлив развој во целата држава.“