Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Куманово утре ќе се одржи вториот по ред фестивал на уметничка фотографија Малински фото фестивал, организиран од фото клуб “Куманово“.
Почетокот ќе биде во 13 часот во кафуле “Галерија“, а потоа настаните кои се дел од фестивалот ќе се одржат во Центарот за култура “Трајко Прокопиев“, Уметничка галерија, Театар Куманово и фото клуб “Куманово“.
“Ќе земат учество 200 учесници, интернационални и домашни реномирани фотографи, како и ученици аматери. Збирката која ќе биде прикажана пред кумановската јавност, содржи над 290 изложбени фотографии во колор и црно –бела техника, распоредени на пет различни локации во градот, односно шест различни изложби и шест фото проекции. Програмата се состои од две самостојни изложби, една меѓуклупска изложба, една клупска изложба, една изложба на ученици, една изложба на фотографии минијатури и проекции од истакнати домашни и странски фотографи“ - велат организаторите.
На самостојните изложби ќе се претстават Зоран Ѓорѓевиќ реномиран фотограф од Србија, во просториите на Уметничка галерија и Предраг Поповски од Македонија, со своето прво самостојно излагање, во просториите на Фото клуб “Куманово“. Меѓуклупската изложба
„Круг“ ќе биде поставена во „Трајко Прокопиев“, со изложени 51 од најдобрите фотографии на членовите од Фото клуб “Куманово“ и Фото кино клуб “Битола“. Фотографии ќе изложат и ученици од„Наце Буѓони“. Клупската изложба „Тумба“ ќе биде поставена во Уметничка галерија. Со изложбата на минијатури насловена како „Најдобро од најдоброто“ , на која ќе бидат изложени над 80 фотографии од најдобрите светски фотографии во црно –бела и колор техника во мал формат и оваа година ќе биде отворен фестивалот. Шесте фото проекции ќе бидат прикажани во фоајето на театарот каде ќе се претстават проекциите на Лили Марковиќ од Србија, Хулки Муради од Турција, Риланд Хоџа од Македонија, Александар Наумчевски од Македонија, Кирил Штрков од Македонија и Ахмед Абдулазим од Египет.