Втор протест на граѓаните кои работеле во Ирак и Авганистан
Кумановци кои работеле во американските бази во Ирак и Авганистан, утре / 5. јануари/ ќе одржат нов протест пред канцеларијата на Управата за јавни приходи (УЈП) во Куманово, незадоволни од одлуката за ретроактивно оданочување на приходи остварени од странство од 2020 година наваму.
Во најавата испратена до медиумите се наведува дека протестот ќе трае од 12:00 до 15:00 часот, со блокада на раскрсницата на улиците „Моша Пијаде“, „Иво Лола Рибар“ и плоштадот „Маршал Тито“.
Тие ги повикуваат сите граѓани кои се засегнати од, како што велат, неправдата, како и сите кои сакаат да им дадат поддршка, да им се придружат на протестот.
„Нè има многу – од сите градови, од сите националности, луѓе кои со години придонесувале за ова општество, а денес истото тоа општество им врти грб. Ова не е борба на поединци. Ова е борба за правда, еднаквост и достоинство. Ова не е политички протест. Ова е борба против неправдата. Да се обединиме и да бидеме гласни“, стои во повикот.
Додаваат дека не прифаќаат селективна правда, закани, притисоци и ретроактивни толкувања на законите.
Тие тврдат дека данокот го платиле фирмите кои ги ангажирале во земјите каде што работеле, а сега државата во време на празници сака да им наплати уште еднаш.
Минатата недела се одржа првиот протест и беше кажано дека нема да отстапат од протестите додека не им се исполнат барањата, а тоа е да се повлечат доставените решенија за данок за 2020 година и да им се даде време да ја обезбедат потребната документација која им ја бара УЈП.