Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Хуманитарната акција за собирање на финасиски средства потребни за медицински третман на петгодишниот Ариф Љатифи, кој боледува од аутизам и алалија, се уште трае.
Средствата кои за сега се соберени не се ни блиску до проектираната сума од 20 илјади евра. Граѓаните покажуваат емпатија и апелот беше многу споделуван, но засега на жиро-сметката и со смс пораките се собрани околу 100.000 денари или околу 1.500 евра.
Временските рокови се скратуваат, настапувањето на есента носи ризици за одложување на процедурата.
„За да биде подложен на терапијата Ариф мора да биде потполно здрав,како кога детето прима вакцина. Со влошување на временските услови вирозите се во пораст, а ме плашат и вестите што деновиве ги читам дека во Хрватска се враќа носењето на маските, во Србија се зголемува бројот на Ковид заболени-за месец, два може повторно да почнат да се затвораат границите. Веќе рековме дека и за примена на терпијата за 12 месеци ќе биде доцна“, изјави мајката Габриела Љатифи.
Во меѓувреме Ариф секојдневно оди во дневниот престој во селото Оризаре, каде со него работат дефектолог, логопед, физиотерапевт и психолог. Во комбинација со терапијата со матични клетки, се очекува напредок во можноста за комукација и целокупната состојба на детето.
За делотворноста на овој метод говори и искуството кое со нив го дели друго семејство со исти проблеми.
„Со мајката која ме упати до ова клиника и ми укажа на овој третман сме во секојдневна комуникација.Таа тврди дека има забележителен напредок кај нејзиното дете, голем дел од лековите кои ги примало детето се отфрлени, дел од функциите му се вратени и некои помали работи детето самостојно ги извршува, што за нив, исто како за нас, било незамисливо“, истакнува Габриела.
Потребните 20 илјади евра се уплаќаат директно во избраната клиника, која ќе го спроведе третманот.Авионските карти, хотелското сместување и другите трошоци што ќе ги има придружбата си ги обезбедува самото семејство. Потребно е два пати да се патува до Турција-по еднаш месечно, два месеца последователно.
„На првата терапија му се даваат медикаменти или некои суплементи со кои неговиот организам целосно ќе се исчисти од присуство на тешки метали. На следното, второ одење на клиниката ќе се подвргне на терапија со матични клетки“, објаснува мајката.
Семејството Љатифи повторно упатува апел до јавноста, да им се помогне во собирање на потребните средства за лекување на петгодишното дете. Ариф Љатифи има 4 браќа и сестри.
Здравствените проблеми на Ариф се последица од тешкото породување и недостигот на воздух во мозокот во првите неколку минути од неговиот живот.
Семејството ги повикуваа сите хумани луѓе кои се во можност да донираат на бројот 143 104 на Телеком или на наменската сметка 240557015755522 во Уни Банка.
Од денеска е доделен и број од А1 операторот 143-464 на кој исто така можат да се донираат по 100 денари со секое јавување.