×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • За 10 години Општина Куманово потрошила скоро 400.000 евра за кирија

    28.05.2024 07:58 | Сузана Николиќ

    Општина Куманово зa 10 години потрошила 24 милиони денари или 391.000 евра за закуп на простор во кој се сместени службите на локалната администрација.

    За 10 години Општина Куманово потрошила скоро 400.000 евра за кирија

    Во две згради во централното градско подрачје со вкупна површина од 1.144 квадратни метри, до крајот на минатата година Општината за кирија плаќала 4.338 евра месечно, а од оваа година 5.228 евра. Договорите за закуп биле потпишани во 2015 и 2018, откако постоечките канцеларии во општинската зграда станале претесни за зголемениот број на вработени. Во општинската администрација во Куманово има над 220 вработени.

    „Општина Куманово за потребите на општинската администрација има закупено вкупно два објекта. Во зградата на ЦКБ-АД на улица Вардарска бр. 1 со површина од 268 метри квадратни и од АД ‘Трготекстил малопродажба’ Скопје, на улица Братство единство со површина 876 метри квадратни. Договорот со ЦКБ е склучен на 17.12.2018 година, а со Козјак АД на 16.09.2015 година. Цената на закуп со ЦКБ на месечно ниво е 1.340 евра, а со Козјак Трготекстил до 31.12.2023 година е 2.998 евра, а од 01.01.2024 година, месечната цена е 3.888 евра“, велат од Општина Куманово.

    Во зградата на „Козјак“, која е на три ката, сместени се Секторот за даноци и такси, Сектор за инспекциски надзор, Сектор за социјална политика и Сојуз на спортови, додека на еден кат во ЦК Банка се Секторот за образование, Секторот за правни работи и Локален економски развој.

    Но, високите кирии не секогаш даваат квалитет, велат граѓаните, кои се жалат дека распрсканоста на објектите им создава проблеми, бидејќи се шетаат по неколку пати од зграда до зграда за да завршат една работа. И вработените посочуваат дека условите за работа не се на задоволително ниво.

    „Проблем е што архивата на Општината се наоѓа во централната зграда, па граѓаните најмалку три пати треба да дојдат за да поднесат едно барање. Луѓето се бунат, не е баш блиску. Што се однесува до просторните услови, зградата во Козјак е во очајна состојба затоа што не се одржува. Секој ден испаѓаат склопките за струја, инсталацијата не одговара за потребите на нашата работа. Неквалитетна е и водоводната инсталација, тече вода по подот, на плафонот, во тоалетот на казанчињата и веце шољите. Прозорците и вратите се стари и зимоска дува ладно, летоска топло. Мебелот е стар и нефункционален. Бараме да се преземе нешто, ама никој не регира“, велат вработените.

    Општина Куманово во 2012, во време на градоначалникот Зоран Дамјановски, промовираше идејно решение за нова административна зграда во центарот на градот на т. н. Чоробенско ќоше. Тогаш беше кажано дека објектот ќе зафаќа површина од 15.000 метри квадратни, а ќе има подземна гаража на три ката, 6.000 метри квадратни деловен простор и од 7 до 9.000 метри квадрати простор за општинските служби и подрачните министерствата. Новиот административно-деловен комплекс требаше да се гради со јавно-приватно партнерство. Административниот дел ќе биде сопственост на општината, а комерцијалниот на деловниот партнер кој ќе инвестира во изградба на зградата. Овој проект никогаш не се реализираше.

    Од Општина Куманово велат решението на проблемот со недостаток на простор ќе го решаваат со изградба на општинска зграда. На нашето прашање дали се размислува да се реализира проектот на локацијата Чоробенско ќоше од Општината одговорија: „Претходно мора да се завршат сите активни постапки за расчистување на локацијата од склонопадни објекти, како и по основ на поднесени барања, согласно закон за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти“.

    Додека се најде решение за проблемот, граѓаните реагираат дека неповратно се трошат средства од буџетот и се тапка во место, наместо да ги намали непродуктивните трошоци и да се зајакнат капацитетите за локалната самоуправа.