Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во отчетот за сработеното во 100-те дена од вториот мандат, градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски се пофали со реализирани околу 50-тина проекти и најави имплементација на над 800 проекти за поквалитетен живот на кумановци до крајот на овој мандат.
„Во овие 100 дена, со засилен интензитет продолжуваме да реализираме нови, но и да завршиме дел од веќе започнатите проекти од предизборниот мандат, кои значат унапредување на квалитетот на живот и стандардот на граѓаните. За нас претставува силен предизвик да го направиме Куманово поубав град за живеење на сите нас. Работејќи по принципите на ефикасност, чесност и неуморност, постигнавме видливи резултати“, рече Димитриевски.
Тој даде преглед на детална листа со реализирани проекти во 100-те дена кои се главните приоритети на Граѓанскиот концепт „За наше Куманово“ и тоа: подобрување на инфраструктурата, изградба на патишта и улици, инвестирање во образованието и спортско- рекреативни капацитети, проекти за инклузија на лицата со попреченост и ранливите категории.
„Со многу ентузијазам, со голема енергија, предвидуваме до 2025 година имплементација на повеќе од 800 проекти од областа на инфраструктура, унапредување на образованието, спортот, културата, социјалната заштита – проекти кои ќе ја зајакнат општината и ќе отворат простор и шанса за работа на секој млад човек“ , посочи Димитриевски во својот отчет пред кумановци.