×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • За 12,5 денари ќе поскапи водата во Куманово

    03.07.2024 14:30 | Оливера Пешевска

    За 24 отсто или 12,5 денари ќе се зголеми цената на водата во Куманово, одлучија денеска советниците. Во цената се вкалкулирани и тарифите за собирање, одведување и прочистување на отпадните води.

    За 12,5 денари ќе поскапи водата во Куманово

    Зголемувањето на цената е на предлог на ЈП „Водовод“ Куманово, по решение на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесено на 18 јануари 2024 година, кое е законска обврска.

    Како што објасни директорот Оливер Стојмановски новата цена ќе биде 65,54 денари, наместо досегашните 52,98 денари за метар кубен. Пресметките на јавното претпријатие покажуваат дека просечната сметка за потрошена вода во домаќинствата досега изнесувала 700 денари, а во иднина ќе чини 865 денари, или на годишно ниво дополнителни 2.016 денари за секој поединечен корисник.

    „Претпријатието водеше сметка на запазување на социјалната компонента, затоа и се земени вредности меѓу минималната и просечното покачување. Зголемувањето треба да биде од 19 до 42 проценти, и во овој опсег која и цена да ја предложевме ќе беше легитимно. Се водиме само по она што го налага регулаторот, кој го носи решението за загарантирана минимална и максимална цена за водните услуги. Не се вкалкулирани сите непредвидени ризици, како што на пример беше инфлаторниот шок во 2022 година со покачувањето на цената на електричната енергија, покачувањата на минималната плата, хаварии слични на оние кои ни се случија пред месец дена и друго. Затоа предлагам овој предлог да биде прифатен“, истакна во обраќањето Стојмановски.

    Според проектираната инфлација од 4 отсто на годишно ниво, сметките за истиот процент би се покачувале и во наредните две години, 2025 и 2026 година.

    Решението на Регулаторната комисија за енергетика, е донесено на 18 јануари, но Советот за ова прашање решава дури сега. Тоа значи дека во изминатите пет месеци ЈП „Водовод“ има наплатено 24 милиони денари помалку од она што би го наплатиле доколку веднаш било спроведено решението на регулаторот, што е законска обврска.

    Кон ЈП „Водостопанство“ од почетокот на годината веќе се исплаќаат фактури за испорачана вода со повисоки цени, во однос на минатогодишните.

    Советниците од опозицијата побараа Општина Куманово да ја субвенционира разликата во цената и со тоа дирекно да помогне на претпријатието и на граѓаните. 

     За предлогот за зголемување на цената на водата гласаше мнозинството во советот, членовите на ЗНАМ, ВМРО- ДПМНЕ и коалиционите партнери. Против се изјаснија советниците на СДСМ и ДУИ.