Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Не опаѓа бројката на заболени од пертусис (голема кашлица) во Североисточниот регион. Во Куманово се дијагностицирани вкупно 53 случаи, додека во Липково 12, во Кратово 8 и во Крива Паланка 5. По Скопје, Кратово со 79,5 и Куманово со 39,5 на 100 илјади жители имаат највисока инциденца на заболување во државата.
Надлежните сметаат дека и овие показатели не се реални- не секоја долготрајна кашлица се дијагностицира, бидејќи голем број на случаите воопшто не се тестираат.
„Голем дел од случаите остануваат непријавени, затоа што не се испраќаат на тестирање. Покрај малиот опфат со вакцинација овие се показателите дека ваквата ситуација ќе потрае, нема толку лесно да помине епидемијата“, објасни д-р Јадранка Стаменковска,епидемиолог во Центарот за јавно здравје Куманово.
Во последните месец дена се регистрирани 25 нови случаи, но гледајќи на неделно ниво има опаѓање на бројката секоја наредна недела. Најзастапена е возрасната група од 0 до 4 години, меѓу нив се 38 проценти од заболените, потоа следуваат децата од 5 до 9 години со 14 посто. Со пораст на старосната граница се намалува уделот на заболени во статистиката. И покрај опфатната акција за што поголем број на вакцинирања сепак 44,3 % од граѓаните се целосно вакцинирани, или вакцинирани согласно возраста, 38 посто се некомплетно вакцинирани и 17,7 проценти се невакцинирани.
Можно е намалување на инциденцата во остатокот на летото, затоа што голем број од граѓаните се на годишен одмор.
„И граѓаните и матичните лекари се надвор од градот, па нема да ме изненади ако се намали бројот на новопотврдени случаи. Високите темпераури не влијаат на аеро-капкови инфекции, па топлотниот бран нема значително да влијае на ширење на бактеријата. Големиот број на печалбари кои се враќаат за време на одморот, поверојатно е дека ќе ја однесат бактеријата нагоре, во западноевропските земји невакцинирани деца не можат да посетуваат градинка или училиште. Таму прописите се ригорозни по ова прашање“, објаснува Стаменковска.
Со почетокот на новата училишна година веројатно е зголемување на бојката на заразени.
Оние што ќе се прележат пертусис стекнуваат времена отпорност на бактеријата, по поминување на 10 годишен период може да дојде до повторно заразување. Толкава е и временската рамка за вакцинација, што значи дека во ризична група влегуваат средовечните и повозрасните граѓани, кај кои имуниот систем е неотпорен на заразување по поминат подолг период од вакцинирање или прележување.
Првите случаи на голема кашлица во Куманово беа забележани во почетокот на февруари, а два месеци подоцна, на 2 април беше прогласена епидемија.