Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Граѓанската иницијатива „За наше Куманово“ со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ обезбеди мнозинство во Советот на Општина Куманово.
Новото мнозинство ќе брои 17 советника и тоа: 8 од иницијативата „За наше Куманово“, 7 од коалицијата ВМРО-ДПМНЕ и двајца од Алијанса за Албанците и Алтернатива.
Од повеќе партиски извори Кумановоњуз неофицијално дознава дека претседателка на Советот ќе биде Ивана Ѓорѓиевска.
„Соработката во моментот е само поддршка во Советот, но се уште немаме официјален коалициски договор за заедничко учество во локалната извршна власт“, велат нашите извори.
Од двете страни тврдат дека преговорите поминале без поголеми проблеми и немало недоразбирања по ниту една точка. Пред утрешната седница ги усогласуваат местата во комисиите, а се разговарало и за приоритетни проекти. Се уште не се разговарало за директорски места.
Дека преговорите на „За наше Куманово“ и ВМРО-ДПМНЕ се движат во добра насока, покажа и фотографијата којашто вчера беше споделена на социјалните мрежи од носителките на листите Ивана Ѓорѓиевска и Елена Доцевска-Божиновска, со порака: Заедничка цел - Поубаво Куманово!
Од СДСМ потврдуваат дека тие не успеале да обезбедат мнозинство во Советот, по изјавата од минатата недела дека работат на случајот.
„Ние не успеавме да формираме мнозинство во овој момент, но не ја исклучуваме можноста во наредните неколку недели да се сменат работите, се зависи од состојбите на централно ниво, се зависи како ќе се оформува мнозинството во Парламентот“, изјави претседателот на општинската организација на СДСМ, Мартин Костовски.
Коалицијата на СДСМ во Советот ќе има 10 советнички места, ДУИ 4, Левица и Беса по едно, кои ќе настапуваат како опозиција. По 30 години СДСМ ќе остане без мнозинство и без претседател во Советот на Општина Куманово.
(Фото: Фејсбук)