Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Граѓаните кои живеат во месната заедница „Бајрам Шабани„ мораат да користат сопствени возила, такси или да одат пешки, бидејќи во овој дел на градот нема јавен превоз. Иако општината една година го субвенционира градскиот превоз, за овие жители ништо не е сменето во однос на минатата година.
На вчерашната седница на Советот на Општина Куманово, додека се расправеше за одлуката да се продолжат субвенциите до крајот на годината, советникот од СДСМ Дејан Ивановски, праша зошто не функционира превозот во оваа населба и зошто општината досега не го решила овој проблем, за да сите жители подеднакво ја користат јавната услуга што се финансира од нивни пари.
„Има поплаки од жителите на месната заедница „Бајрам Шабани“. Тие се изолирани и немаат градски превоз, а потрошени се 1 милион евра. Со ова граѓаните на „Бајрам Шабани“ се дискриминирани“, кажа Ивановски.
Раководителката на Секторот за комунални дејности Лидија Ланг Спасовска, му одговори дека нема превоз затоа што нема соодветна инфраструктура.
„За да профункционира општинскиот линиски превоз прво треба инфраструктурата да биде прилагодена за одвивање на таков вид на сообраќај, бидејќи на автобусите им е потребен поголем простор за да се движат по тие улици. Можеби во иднина може да се размислува за тоа, ние воведовме уште една линија“, кажа Спасовска.
На ова Ивановски забележа дека ние во градот немаме соодветна инфраструктура, а се трошат еден милион евра за субвенција на автобуски превоз.
Таа информираше дека е распишан јавен оглас за изработка на 32 автобуски постојки на територијата на оптина Куманово, на главните артерии на градот меѓу кои и улица „Бајрам Шабани“ и „Тоде Мендол“.
„По изградба на автобуските постојки се надеваме дека ќе дојде до поголема примена од страна на граѓаните, а со текот на време доколку се покаже како успешна приказна ќе ја развиваме и понатаму“, кажа Ланг Спасовска.
Советот на Општина Куманово вчара додесе одлука да го продолжи субвенционирањето на јавниот линиски превоз да крајот на годината и за 12 месеци тоа ќе ја чини општина Куманово над 1 милион евра.