Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Кандидати за градоначалници и членови за советите на локалната самоуправа во наредните две недели не смеат да се промовираат на медиумите пред официјалното почнување на изборната кампања.
Од Советот за радиодифузија најавуваат засилен мониторинг и казни за оние кои го прекршат Изборниот законик.
Советот за радиодифузија ги потсетува радиодифузерите дека личностите кои од страна на надлежните изборни органи се потврдени како кандидати за градоначалници или за членови на советите на локалната самоуправа, не смеат да се појавуваат во програмите на радијата и телевизиите од моментот на потврдувањето до започнување на изборната кампања - велат од СРД.
Во случаите кога потврдените кандидати се истовремено и актуелни носители на функции, радиодифузерите можат во вестите да информираат за оние нивни редовни активности кои се тесно врзани за извршувањето на функцијата.
Притоа, начинот на известување не треба да биде во корист на нивната кампања, односно носителите на функции не треба да се најдат во привилегирана положба, известување за активности кои претставуваат изборна кампања, какви што се отворањето јавни објекти - училишта, здравствени објекти и слично, или за други настани намерно создадени со цел да се привлече поголемо медиумско внимание - велат од СРД.