Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
На Градскиот плоштад во Куманово синоќа започна 11-от по ред меѓународен Тамбурашки фестивал.
Граѓаните ги забавуваа Нино Величковски и „Тамбураши“, Маргица Антевска, Игор Васиљков и Мартинијан Кириловски, како и Мирослав Шкоро со тамбурашки оркестар од Загреб, Хрватска. Единствено времето не им се погоди на кумановци.
Местото не може да се покрие бидејќи тоа е плоштад, на отворено е фестивалот, ризик е. Секогаш го правиме во оваа последна недела на август. Очекуваме добри временски услови, како што беше цело лето, но ова што ни се случи, оваа ноќ мислам дека е нешто што не можеме да го предивидиме, покрај сите прогнози, дека нема да има дожд, индикациите беа дека помалку од 40 проценти ќе има врнежи - рече градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски.
Директорот на Фондацијата за култура и спорт, Нино Величковски вели дека и покрај лошите временски услови, програмата непречено тече како што беше планирано и се надева дека втората вечер од фестивалот времето ќе биде подобро.
За времето не може со Господ да се договорите, овој дожд малку го поремети ова што го подготивме како една атракција. Се надевам дека утре ќе не послужи времето иако прогнозите не ни одат од рака, но ние сме упорни - рече Величковски.
Мирослав Шкоро е задоволен од пречекот во Куманово и од фактот што публиката ги знае неговите песни.
Моите песни зборуваат или за љубовта кон жените, или кон она што не опкружува, она што не прави тоа што сме. Македонија иако како и Хрватска е мала држава, сепак има големи пејачки имиња. Колку што знам, ја разбирам македонската култура и музика, таа е една од најголемите кои што постојат во овој дел на Европа. Држава која го имаше Тоше Проески - кажа Шкоро.
Вечерва на фестивалот ќе настапат тамбурашките оркестри „Банат“ од Сагедин, Унгарија, „Ла Банда“ од Нови Сад, Србија и „Вапавски тамбураши“ од Вапава , Словенија. Програмата почнува во 20.30 часот на Градскиот плоштад.