Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Екипа на ЈП „Куманово-паркинг“ денеска започна со украсување на централното градско подрачје во пресрет на Новогодишните празници.
На плоштадот се поставува нова елка, а набавени се и нови украси кои треба да се постават на околните улици и на реконструираниот мал плоштад.
„Ги добивме новонабавените украси, направена е проверка на исправноста на оние кои веќе ги имаме. Започнуваме со украсувањето на градот, а се надевам дека Куманово ќе блесне во вистински празничен сјај“, истакна директорот Андреја Маџовски.
Новите украси се со вредност од 3 милиони денари. Ова е трета година по ред како општината набавува украси за новогодишните празници, а според нив намерата е декорациите да останат во трајна сопственост на општината и да се надополнуваат секоја година, наместо да се плаќа за изнајмување од приватни фирми.
Со новонабавените светилки од последните години се нагласува архитектурата на Занаетчискиот дом, кој лани блесна во сиот вој сјај и грандиозност. Најмалите се радуваат на автомобилите, санките на Дедо Мраз и фигури на животни, прикладни за зимската атмосфера. Ретко кој минувач испушта да се слика во празнично накитените плоштади.
За украсување во последните три години е задолжено ЈП „Куманово- паркинг“ и оттаму апелираат граѓаните да бидат совесни, и да внимаваат да не ја оштетат или уништат новогодишната опрема.