Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Започна поставувањето на првите полуподезмни контејнери во централното градско подрачје.
Работници на ЈП „Чистота и зеленило“ и фирмата од Нови Сад, од која се набавени контејнерите денеска работеа зад зградата на Комитет.
Останатите седум локации на кои ќе се постават вакви контејнери ќе бидат дополнително утврдени, во текот на месецот јануари.
Вредноста на договорот е 5.970.795.28 денари, а контејнерите се од финско производство.
Како што објаснува, градоначалникот Максим Димитриевски, со овие контејнери се очекува да се подобри квалитетот на депонирање и изнесување на сметот од градот.
„Во моментот се поставува првиот полуподземен контејнер во Општина Куманово, зад зградата на Комитет. Ова е нешто најсовремено во делот на депонирање на отпадот, комунален отпад и овој е прв сет од осумте набавени сетови, којшто се монтира. На седум локации ќе бидат поставени по два вакви контејнери, а на една локација само еден. Еден полуподземен контејнер има капацитет од 5 метри кубни и практично заменува 5 обични контејнери“, рече Димитриевски.
Тој додава и дека една од придобивките од овие контејнери ќе биде тоа што возилата на ЈП „Чистота и зеленило“ ќе собираат поголема количина на смет за пократок период, и со што ќе се намали интензитетот на движење на возилата, кои често го попречуваат сообраќајот.
Како што ни објаснија луѓето на лице место, контејнерите ќе бидат заштитени од атмосферско влијание и непропустливи за истекување на течности, а ќе се празнат еднаш во два дена, а не како сега по неколку пати дневно. Во контејнерите ќе се постави специјална кеса во која ќе се собира отпадот и ќе се изнесе со возило.
Искуствата во градовите во Србија, Бугарија, Грција од ваквите контејнери се многу позитивни, велат недлежните.
(Ф.Марковска)