Започна реконструкцијата на кровот на спортската сала во Куманово, вредна 320 илјади евра

09.06.2021 - 13:15

Започна реконструкцијата на кровната конструкција на спортската сала во Куманово, прва фаза од целосна реконструкција на овој значаен спортски објект во градот. Средствата се обезбедени преку проект на Свероисточниот плански регион (СИПР) во висина од 320 илјади евра.

Започна реконструкцијата на кровот на спортската сала во Куманово, вредна 320 илјади евра

„Работите започнуваат денеска и треба да завршат до крајот на септември. Проектот предвидува демонтажа на старата конструкција и поставување на нова. Проектот е вреден 320.000 евра без ДДБ, во кој Општина Куманово има сопствено учество над 10.000 евра, а останатите средства од околу 310.000 евра се обезбедени од програмата на регионален развој на 2020 година, на Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој“, изјави Младен Протиќ, директор на СИПР.

   Проектот го изработи фирмата за проектирање „Геинг“, а реконструкцијата ќе ја врши компанијата „Изградба комерц“ од Скопје.

Кровот на спортската сала се наоѓа во исклучително лоша состојба и со години протекува, поради што се направени и оштетувања во внатрешноста на објектот. Со замена на кровната конструкција ќе се создадат услови за доуредување и враќање на спортскиот живот во салата.

Владата минатата година ја врати во владение спортската сала на Куманово и најави помош за нејзина реконструкција.

Спортската сала во Куманово има капацитет од 4.150 седишта,  изградена е во 1980 година. Била проектирана од архитектите Трајко Димитров и Живко Гелевски во 1979 година. Градбата ја добило Големата награда на Биеналето на Македонската архитектура (БИМАС) во 1981 година.

(С.Н.)  


2008 - 2021 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk