Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Започна реконструкцијата на подрачното основно училиште „Кирил и Методиј“ во Агино Село. Проектот се реализира преку Министерството за образование и наука, а за него се издвоени 8,3 милиони денари, или речиси 134 илјади евра.
„Изведувачите започнаа со откривање на кровната конструкција и навистина работат брзо и вредно на она што е најитно, секако колку дозволуваат временските услови. Најбитно е да се покрие училиштето, пред да наиде некој дожд, а подоцна ќе се работи на сите останати ставки во проектот. Секој ден сум таму, контактираме со градежниците и уверени сме дека ќе биде запазен предвидениот временски рок од 8 месеци“, истакна Љупчо Николовски, претседател на месната заедница.
Според тендерската документација предвиден е целосен нов кров, трем, замена на 15 прозорци, една алуминиумска врата, 5 врати, тротоари, олуци, пристапна рампа за лица со инвалидитет, целосно реновирани тоалети и нова ограда на училишниот двор.
Планот е да се добие комплетно реконструиран и реновиран простор, енергетско-ефикасен и безбеден објект во кој наставата би се одвивала по сите современи стандарди. Во училиштето веќе има инсталирано парно греење, а општината обезбедила и смарт- табли и други помагала кои ја олеснуваат презенатцијата на наставниот материјал на децата.
Мештаните се задоволни што конечно по повеќе од 45 години се вложува во зградата која е направена во 1978 година со самопридонес на жителите и во која „ни шајка не е закована“ во целиот изминат период.
„Пресреќни сме, ова го баравме со години. Конечно на децата нема да им врне на глава, или да има паѓаат ќерамиди од кровот кога се на училиште. А и редно е да заличи училиштето во едно од најубавите села во регионот. И нема да застанеме тука, ни ветија дека ќе се спроведат и реализираат и други проекти, кои ќе обезбедат подобар економски, социјален, културен живот во селото, се она што е потребно да се задржат децата тука, дома. А ние ќе направиме се да не ги заборават ветувањата и што поскоро да ги реализираат“, објаснува Николовски.
Минатата година Советот на родители во Агино Село и мештаните излегоа на протест поради нехуманите услови во кои се одвиваше наставата, иако 18 месеци претходно поднеле и официјално барање до министерството. По докомплетирање на потребната документација, нивните барања се усвоени и почна постапката за реконструкција и реновирање на училишната зграда „Кирил и Методиј“ во подрачното училиште во Агино Село.