Во Куманово годинава треба да се запишат 1.270 првачиња
Од понеделник започна уписот на првачињата во основните училишта во Куманово.
Во учебната 2026/2027 година во прво одделение се запишуваат децата родени во 2020 година, кои до крајот на календарската година ќе наполнат шест години. По барање на родителите, може да се запишат и деца родени заклучно со 31 јануари 2021 година, но само со добиено мислење од педагог и психолог.
Според податоците на МВР, оваа година во кумановските училишта треба да се запишат 1.270 дечиња родени во Куманово и Скопје.
„Првиот пресек на запишани дечиња ќе го имаме во јуни, а конечниот во септември. Последниве години дел од дечињата се запишуваат во август, поради привремена работа на родителите во други градови. За жал, во последните години се намалува бројот на првачиња поради иселувањето на младите во странство“, изјави раководителот на Секторот за образование во Општина Куманово, Александар Јовановиќ.
Тој додава дека и оваа година ќе се води сметка за регионализацијата, односно децата треба да се запишат во училиштето кое е најблиску до нивната адреса на живеење.
Родителите треба да достават извод од матичната книга на родените, потврда за комплетно примени вакцини, како и потврди за извршени стоматолошки и офталмолошки прегледи, а на увид да приложат лична карта на родител/старател.
Ова се прави со цел да не се случи некои училишта да останат без ученици, а други да бидат преполни.
Во Куманово функционираат 14 основни училишта со редовна настава, како и музичко училиште кое организира индивидуална настава.