Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Од денеска започна вакцинацијата на риѕичните групи против сезонски грип во Центарот за јавно здравје Куманово. Процесот се одвива непречено, на претходно закажани термини, а дневно имаат по околу 300 заинтересирани.
„Вакцинацијата се одвива само во просториите на ЦЈЗ Куманово, на 4 пункта, под целосен лекарски надзор. Претходно се прави медицинска анкета за тоа дали пријавените имаат температура, дали се под антибиотска терапија, или имаат алергија на одредени лекарства и соединенија“, истакна д-р Јадранка Стаменковска, специјалист епидемиолог.
Таа вели дека се обезбедени доволни количини на вакцини, а зафатени сите слободни термини ѕа оваа недела. Одговорните тврдат дека денеска околу 10-тина лица не се јавиле во закажаното време, што е навистина мала бројка.
На залиха постојат и комерцијални вакцини со вредност од 700 денари, а наменети за лицата кои не се наоѓаат на списокот на лица под ризик. За нив заинтересираноста не е голема, но се случува и нагло да порасне во случај на епидемија на грип и заболувања слични на грип.
Право на бесплатна вакцинација имаат ризичните групи- стари лица (над 65 години), лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени и деца на возраст од 6 месеци до 5 години како и лица сместени во установи за социјална заштита на стари лица и вработените во тие установи.
Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна мерка за превенција од вирусот, која спречува појава на потешки форми, компликации и смртен исход, особено кај ризичните групи.