Започнува 39-то издание на Меѓународната ликовна клонија "Свети Јоаким Осоговски“
Осоговскиот манастир кај Крива Паланка, од 25 јуни до 1 јули 2025 година, ќе биде домаќин на 39-то издание на Меѓународната ликовна колонија „Свети Јоаким Осоговски“, која претставува мост меѓу културите, креативноста и уметничкиот израз.

И годинава, колонијата ќе собере истакнати ликовни уметници од Македонија и Европа. Меѓународен карактер на ликовната работилница и даваат уметниците Агнешка Казала од Полска, Теодор Бузу од Молдавија, Милош Декиќ од Србија /Словенија и Снежана Пешиќ Рангиќ од Србија. Македонската ликовна сцена ќе биде претставена од уметниците: Стефан Хаџи Николов, Мариела Аџигогова, Ивана Настески, Лазо Ѓорѓиевски, Дејан Иванов Маргуш и Стефан Младеновски.
Во текот на една недела уметниците ќе создаваат нови дела инспирирани од природната убавина, културното наследство и духот на манастирскиот комплекс.
Финалната изложба на дела ќе биде отворена за јавноста, а љубителите на уметноста ќе имаат ретка можност да се сретнат со авторите и да ја почувствуваат енергијата на креативното творештво одблиску.
Од минатата година ЛУ Градски музеј Крива Паланка, традиционално го претставува творештвото на по еден уметник-учесник на Осоговската колонија. Годинава, избор се делата на ликовниот творец Дејан Иванов Маргуш, кој ќе се претстави со изложбата „Пејзаж“, што ќе биде отворена на 28 јуни (сабота), со почеток во 20,30 часот, во уметничката галерија на музејот.
Колонијата не само што го збогатува културниот живот на општината, туку и придонесува кон создавање уметнички фонд што сведочи за континуитетот на современото сликарство.
(фото.архива)