Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Со изложба на слики денеска беше затворен Детскиот ликовен камп „АСНОМ“, во комплексот „Етно село“.
Дваесетина основци и корисници на „Порака наша“ и Дневниот центар за лица со посебни потреби кај Чик, изминативе денови твореа на кампот кој го организира Фондацијата за култура и спорт при општина Куманово. На учесниците благодарници им врачи градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски.
Оваа година имаме поголем број учесници, така што на некој начин ја интегрираме оваа заедница во нормално функционирање барем во културните настани. Куманово е препознатлива точка барем во историјата на македонското сликарство. Мислам дека овие кампови на нас ни даваат можност, децата да ги поттикнеме во ликовното творештво. Се надевам дека идната година ќе има уште повеќе учесници - изјави Дамјановски.
Учесниците твореа во повеќе техники на слободна тема.
Се работеше на платно. Децата сликаа слободен мотив. Работеа и во техника монотипија, тоа е графичка техника, работевме скулптура и дизајн. Како и секоја година децата се креативни, научија некои нови работи, се дружеа и уживаа“ - рече менторот Магда Величковска.
Претставници на “Порака наша “ последите две-три години учествуваа на ликовниот камп.
Многу сме задоволни. Децата цртаа, се дружеа, имаат желба за цртање, да прават фигури - кажа Емилија Стефановска, волонтер во „Порака наша“.
Учениците велат дека учеството на кампот е искуство плус за нив.
Цртав на платно езеро со кајчиња. На релјефот цртав есен, а на графика композиција. Ова ми е прво учество на ваков камп - изјави Марија Николиќ, ученичка од ОУ„11 Октомври“.
Детскиот ликовен камп „АСНОМ“ се оддржува петта година по ред.