Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Сите болни и изнемоштени лица пријавени во Општинската изборна комисија Липково и во Старо Нагоричане гласале во текот на денешниот ден.
Изборните одбори на ОИК Куманово се на терен и гласањето на 180 гласачи од истата категорија се одвива тековно и без проблеми.
Изборниот ден поминува невообичаено поради метежите својствени за работен ден, но и поради лошите временски услови.
„Сите 269 пријавени болни и изнемоштени во Општина Липково се најдени и тие го оствариле своето право на глас. Прв пат се одвиваат избори во текот на работна недела, па имаме поголеми метежи од вообичаено. Но, и временската ситуација не ни оди на рака, на неколку наврати дојде до прекин во снабдувањето со струја“, истакна Ајше Демири, претседателка на ОИК Липково.
Во Општина Куманово се запишани вкупно 93.364 гласачи, кои се распределени на 167 избирачки места. На првиот круг претседателски избори во Општина Липково ќе имаат можност да гласаат 29.998 гласачи, на 36 избирачки места.
Во Старо Нагоричане на избирачкиот список се наоѓаат 3.043 гласачи, кои своето право можат да го остварат на 38 избирачки места.
Утре се одржува првиот круг на седмите претседателски избори во државата. Избирачките места ќе се отворат во 7 часот наутро, а гласањето ќе се спроведува во наредните 12 часа, до 19 часот.