Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Одличнa организација и посетеност на традиционалната манифестација „Денови на мед“ во изминатите три дена во Куманово. Излагачите и купувачите се презадоволни од промоцијата на пчеларството, но и од квалитетот и продажбата на мед и на останати пчелни производи.
„Спротивно на усталеното мислење дека на ваквите настани не се продава многу количински, морам да кажам дека дел од посетителите купуваат по една тегла од неколку излагачи, за да подоцна онаму каде најмногу им се допаѓа редовно да си го нарачуваат и си купуваат од тој пчелар. А тоа е и намерата да се направи промоција на производители, кумановци лично да ги запознаваат и да си изградат доверба со нив, а ваквите манифестации и саеми се вистинска прилика да се запознаат членовите на нашето здружение“, истакна Бобан Стошевски, претседател на Здружението „Пчела“.
Тој вели дека ова година беше најдобра по приносите во последните 5-6 години. Временските услови им оделе на рака на пчеларите, по благата зима и дождливата, некарактеристично студена пролет од втората половина на јуни природата се разбудила и за нешто повеќе од две-три недели имале обилна ливадска паша на пчелите, иако багремот веќе бил прецветан.
По скоро тримесечен сушен период, сега се соочуваат со недостаток од поленов прав и неповолни услови за зазимување на пчелите.Сепак за во пролет се надеваат на поволни услови и за овошна паша кога цветаат плодните, овошни дрвца.
Уште една ваква манифестација најавуваат за ноември, по повод одбележување на Денот на градот - 11 Ноември.
„Тоа е уште една шанса и оние кои сега не не посетија и не се снабдија со мед да се запознаат со тоа кои се вистинските производители“, најави Стошевски.
На 23. издание на „Денови на мед“ во Куманово учествуваа рекорден број од 27 излагачи. Се одржа тридневна саемска манифестација, која имаше и продажен карактер. Посетителите можеа да добијат подетални информации за својствата и предностите на медот, прополисот, восокот и на кои начини можат да се искористат за подобрување на имунитетот и целокупното здравје на органзимот.