Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во манастирскиот комплекс Матејче денеска беше прославен големиот верски празник „Рождество на Пресвета Богородица“ (Мала Богородица) во присуство на бројни претставници на државната и локалната власт , како и граѓани и верници.
Традиционалното одбележување на овој празник во Матејче и манастирската црква „Успение на Пресвета Богородица, последниве години повторно добива се поголема популарност и покрај оштетената црква со непроценлива културно-историска вредност и руинираното детско одморалиште.
Локалитетот со години беше запоставен, но се прават напори да се обнови патот, да се прошири и да биде попристапен за посетителите.
„Денеска е голем христијански празник,па присуствував на литургијата предводена од Кумановско-Осоговскиот владика Григориј. Преубав чин внатре и премногу народ надвор“, изјави Ивана Ѓорѓиевска,претседателка на Советот.
Кумството на црковната слaва премина од Александар Димковски во рацете на Мишела Здравковска Филиповиќ. Голем број на жители, родум од селото Матејче, се потсетија дека на прославата на празникот се доаѓало ноќта претходно, се славело цела ноќ и цел ден. Доаѓале и луѓе од другата страна на Скопска Црна Гора, се склопувале пријателства кои траеле и по цел живот.
Присутните беа сложни дека треба да се врати поранешниот сјај на манастирскиот комплекс, да се обнови и реконструира за повторно да заживее.
„Мислам дека државата треба да најде сили, еве слушам и читам дека има обновување на кровот на манастирот, но треба да заживее и комплексот за да можат нашите деца да имаат каде да летуваат или зимуваат, затоа што е пристапно и не е многу далеку од градот“, истакна Ѓорѓиевска.
Mанастирскиот комплекс „Успение на Пресвета Богородица“ кој се наоѓа во атарот на селото Матејче, претставува културно наследство од највисока вредност, а црквата во овој комплекс од средината на XIV век го содржи најобемниот фрескоансамбл на наша територија. Таа е еден од најзначајните објекти во Македонија и нејзината грандиозна и велелепна архитектура може да се спореди само со црквата „Света Софија“ во Охрид.
Во воениот конфликт од 2001 година, голем дел од црквата беше оштетен, а и покрај интервенциите и финансиската поддршка од Министерството за култура, вандали нанесуваат нови штети врз овој вреден објект. За нејзина заштита издвоени се 1,5 милиони денари од буџетот на ресорното министерството, во рамките на финансирањето проекти од национален интерес за 2023 година.
Манастирскиот комплекс, пак, во поранешна Југославија служеше и како зимско и летно детско одморалиште и беше многу популарно за време на распустите кога капацитетите беа максимално искористени.