Здравјето на прво место – здрава општина е предуслов за успех и просперитет, вели д-р Николиќ, кандидатка за советничка на ДПСМ
Кандидатката за советничка од ДПСМ, д-р Гордана Николиќ, најавува проекти за поддршка на здравството, едукација и грижа за сите возрасни категории

Здравјето на прво место, а здрава општина е предуслов за успех и просперитет, смета д-р Гордана Николиќ, специјалист по анестезиологија и реанимација во Општата болница Куманово и кандидатка за советничка на „Братска листа“ на Демократската партија на Србите во Македонија (ДПСМ) во Советот на Општина Куманово. Таа најавува проекти за поддршка на здравствените институции во градот, со цел поголема заштита на здравјето на граѓаните.
„Како кандидатка за советничка ќе пружам поддршка на сите проекти од областа на здравството – област која, како лекар, најдобро ја познавам. Ќе иницирам повеќе кампањи за едукација на учениците за здрав начин на живот преку правилна исхрана и редовна физичка активност. Во согласност со надлежностите што ги има советникот, ќе се залагам за спроведување скрининг-програми за навремена дијагноза на малигни заболувања и кардиоваскуларни болести, кои денес се водечки причини за смрт“, вели Николиќ.
Еден од клучните приоритети во програмата на ДПСМ е грижата за менталното здравје на младите. Затоа, Николиќ најавува активности за едукација за болестите на зависности и ќе се заложи за редовни предавања во училиштата.
„За градење здраво општество потребно е да се води грижа за мајките и децата, да се обезбедат зелени површини и чист воздух. Грижата за старите лица може да се унапреди преку домашни посети и формирање дневни центри за нив. Постоечкиот дом за стари лица треба да биде место во кое со доверба ќе се згрижуваат нашите најблиски. Сите овие проекти ќе бидат поддржани од локалната самоуправа, затоа што здрава општина е предуслов за успех и просперитет на нејзините жители“, истакна Николиќ.
Советничката листа на ДПСМ и носителот Иван Стоилковиќ на гласачкото ливче е под реден број 3 .