×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Земјоделците учеа како да ги заштитат посевите од штетници

    24.04.2015 11:20 | KumanovoNews

    Кумановските земјоделци денеска следеа обука на тема „Болести и штетници кај пченици и јачмен“, организирана од Министерството за земјоделство, Фитосанитарна управа и Агенција за храна и ветеринарство.

    Земјоделците учеа како да ги заштитат посевите од штетници

    Тие добија насоки како во овој период да ги препознаат р'ѓата и сиво-кафеавите дамкасти болести, кои се јавуваат кај житариците и како да ги заштитат со прскање. За таа цел се подготвени специјални брошури за земјоделците.

    Овие две култури се регионални, и зборуваме за економското значење. Во исто време зборуваме за штетните организми, кои не само што влијаат на храната, туку можат да се рефлектираат и на здравјето на човекот и на животните - изјави Мина Барова, лидер на проектот финансиран од ЕУ.

    Производителите се запознаа кога се појавуваат болестите и колку се опасни за житата.

    Даден е опис на голем број штетници, кои се присутни во нашата земја и претставуваат проблем во производството на овие две култури. Акцент е даден на симптомите кои овие штетни организми ги причинуваат кај растенијата. Дадени се информации околу штетноста, распространетоста, кругот на домаќини - вели Билјана Кузмановска, експерт.

    Професорот Раде Русевски, објасни дека последните десет години житариците не можат да се произведуваат без хемиска заштита како порано.

    Ако ме прашувате зошто дојде до тоа, веројатно е од повеќе причини, но една од причините е како резултат на транзицијата на земјиштето, кое беше општествено, па парцелите се уситнија. Индивидуалните производители се најголема група на производители на лебно жито. Производството се затвори во еден синџир на монокултурно одгледување. Сведоци сме дека пченица и јачмен се одгледуваат на една иста површина повеќе години - рече Русевски.

    Штетниците и болестите значително можат да ги намалат приносите на житариците.

    Земјоделците многу малку користат средства за заштита. Иако во последните години, луѓето кои посериозно влегуваат во овој бизнис размислуваат како да дојдат до поголеми приноси и квалитетот на зрната кој е многу важен - објаснува Трајан Димковски, земјоделец од село Режановце.

    На истата тема ќе се едуцираат и земјоделците од другите региони од Македонија, со цел поквалитетно производство на житни култури.