Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Мостот на Крива Река во кумановското село Довезенце е видно оштетен, искривен и постои опасност да падне, но Општина Куманово никако да издвои средства за негова санација.
Од месната заедница велат дека доколку мостот се урне, стариот дел од селото, како и селата Мургаш, Бељаковце и дел од Јачинце ќе бидат целосно отсечени од регионалниот пат.
„Веќе со години укажуваме на овој проблем и бараме мостот да се поправи, но надлежните служби на Општина Куманово редовно ги одбиваат нашите барања со изговор дека не се влезени во годишната програма или пак дека нема средства за една таква интервенција“, велат жителите на Довезенце.
Тие тврдат дека мостот е оштетен пред 10 - тина години откако "Водостопанство" интервенирало во речното корито.
„Сечеа некои врби и други дрвја околу речното корито и тогаш мостот „потклекна“ на левата страна од реката. Кога нема многу вода патот е прооден и редовно се користи, но кога ќе започнат врнежите и по неколку денови новиот дел од селото е отсечен. Се создава брана и го поплавува водата. А на другата страна од реката се продавницата, автобуската постојка, двете цркви, гробиштата. Не бараме многу, имаме и подготвена проектна документација која се наоѓа во Општина Куманово, најдовме и половни, но добро сочувани метални носачи од Македонски железници, но мора да ни помогнат и локалните власти“, истакнува Драги Додевски, претседател на месната заедница Довезенце.
Тој вели дека тие планираат во наредниот период да ги интензивираат преговорите со членовите на Советот и општинската администрација, за да влезе изградбата на мост на Крива Река во Довезенце во Програмата за комунални дејности на Општина Куманово за наредната 2024 година.
„Санацијата не бара многу средства, мал дел можеме и самите да завршиме, само да го оспособиме преминот, да има поголема безбедност и да бидеме мирни кога врне“, додава Додевски.
Мостот е направен со самопридонес на мештаните. Во 2000 година претседателот Додевски обезбедил половни носачи од Македонија пат, ангажирал камиони од Југ Турист, дигалки и механизација од Искра. Но, со текот на годините мостот се амортизирал, а штета предизвикала и небрежноста на Водостопнаство во оддржувањето на речното корито на Крива Река.
Во Довезенце има 50 активни домаќинства, но и 80 викенд-куќи кои редовно се користат, најмногу во летните месеци. Преку мостот води и патот до манастирот во Бељаковце, има планинарски патеки на надморска височина од 854 метри, чиста и недопрена природа, свеж воздух и голем потенцијал за активен викенд туризам. За време на верските празници жителите често одат во манастирот во Бељаковце, но доаѓаат и гости кои потекнуваат од тој крај или пак посетители и случајни минувачи. Затоа и мостот е од особено значење за селото Довезенце, но и за целиот регион.