Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Често сме сведоци кога срамежливоста кај децата се става во негативен контекст и по секоја цена се настојува да се елиминира и преобликува во некое социјално однесување.
Многу луѓе, срамежливоста ја етикетираат како нешто несакано и мислат како да ја „излечат“, а не како да се справат со неа.
Во ситуација кога децата не се чувствуваат конфорно за да направат или да кажат нешто, а на тоа инсистираат повозрасните, доживуваат емоционална и когнитивна блокада и уште повеќе се повлекуваат во себе. Во нашата култура, децата кои се повеќе наметливи, најчесто се сметаат како попаметни, што не е секогаш така.
Едно од решенијата за срамежливото дете би било да му кажеме дека го прифаќаме неговото однесување и да му кажеме дека и ние некогаш не сакаме да зборуваме со сите луѓе. Односно да му кажеме дека не мора да ги прави работите кои не му прават да му биде угодно. Тоа за детето би значело дека го сакаме и му даваме на значење поради тоа што е, а не она што ние сакаме да биде. А само кога сме сакани и уважени, ние имаме и капацитет да растеме.
Има повеќе причини поради кои децата се чувствуваат срамежливо. Во текот на секое растење секое семејство поддржува одредено однесување, начин на комуницирање, покажување на емоции итн. Но, доколку начинот на кое детето се однесува не е поддржан и вреднуван од страна на семејството, детето може да се доживее себе како личност која е неадекватна и помалку вредна.
На помала возраст секое дете има потреба да биде заштитено од страна на родителите и потребен му е родител на кој му верува и го смета за коректен. Затоа треба да се внимава на овие работи, бидејќи во текот на растењето ова може да биде навистина проблем кој ќе бара психотераписка поддршка.
Меѓутоа, често забораваме и на оние мудри и претпазливи деца кои на многу мала возраст имаат граница, односно ги одмеруваат, проценуваат и аналираат ситуациите во кои се чувствуваат доволно конфорно. Тоа се деца кои ги вреднуваат своите потреби, ги ставаат на прво место и се однесуваат сосема соодветно. Такви деца треба да се поддршуваат, затоа што тие на некој начин го знаат патот кон здравото функционирање и односите со луѓето.
Затоа е многу важно да се слушаат децата, со нив да се разговара. Пред да ја осудиме срамежливоста, треба најпрво да провериме од каде доаѓа и што претставува таа за детето-поддршка или спречување.