Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Босанската звезда Харис Џиновиќ синоќа во Куманово одржа прекрасен концерт.
На преполниот Градски плоштад Џиновиќ два ипол часа ги пееше неговите големи хитови „Како ми недостајеш„,„Нек ти буде задња чаша„,„И тебе сам сит кафано„, „Остариќу неќу знати„,„ Рано е за тугу„, „Познаќеш ме„ „Муштулук„и многу други. Џиновиќ отпеа и неколку хитови на својот босански колега Душко Кулиш, но не запеа ни една македонска песна. Како одминуваше концертот атмосферата стануваше се пожешка. Секој нареден хит беше подобар од предходниот и допираше до публиката која не престана да игра. Џиновиќ го слушаа луѓе од сите генерации, мажи и жени подеднакво хорски ги пееа неговите песни.
Босанската ѕвезда најави дека во пролет ќе организира неколку концерти во Македонија, пред се во Скопје.
Јас многу ја ценам македонската публика која знаела секогаш да ми врати на убав начин со убав пречек големи аплаузи и почитување. Тоа се покажа и вечерва и затоа ќе дојдам да се одолжам за сета подршка - вети Џиновиќ.
Концертот во Куманово е организиран по повод Денот на градот 11 Ноември, и во публиката беа многу домашни и странски делегации на градовите збратимени со Куманово и амбасадори. Во првите редови со градоначалникот Зоран Дамјановски беше речиси целото раководство на СДСМ предводено од лидерот Бранко Црвенковски. Видно расположени сите уживаа во песните на Џиновиќ, но домаќинот Дамјановски и Владо Бучковски беа највесели.
Со виски во рацете Џиновиќ му ја пееше на градоначалникот „Дајте вина хоќу лом„.
Џиновиќ во Куманово дојде за хонорар од 10 илјади евра што е многу поевтино во однос на неговата реална цена: 35 илјади евра за редовен концерт и 100 илјади евра за новогодишен настап.
Михајло Михајловски кој е роден во Куманово е мој голем пријател и тој со првите луѓе на Општината инсистираше јас да пејам на Денот на градот. Јас синоќа дојдов од Њујорк и уште имам проблеми со адаптација на времето и да беше било кој друг немаше да прифатам, бидејќи ми требаат два дена да се одморам и да го прифатам европскиот ритам на времето. Вака не можев да одбијам и еве ме вечерва тука-изјави Џиновиќ, на кој на својот пријател ја отпеа песната „Познаќеш ме„.
На рака на гостувањето на Џиновиќ и прославата на Денот на градот беше и топлото време, кое дозволи публиката вистински да се опушти и да ужива. Покрај од Куманово, на концертот дојдоа и многу луѓе од околните градови, а најмногу од Скопје.
Секоја чест за градоначалникот и локалната самоуправа. Само Куманово може да приреди ваква журка. Постанувате бренд во однос на забавите на плоштадот. На народот му треба вакво опуштање, бидејќи немаат сите да платат по 500-600 денари за да присуствуваат на концерт во Универзална сала - вели еден скопјанец.
По завршување на концертот следуваше спектакуларен огномет.
Куманово во изминатите години беше домаќин на големите балкански звезди Здравко Чолиќ, Северина, Бајага, Хари Варешанович, Петар Грашо, Борис Новковиќ, Елена Розга, Звонко Богдан, групата Легенде, Тоше Проевски, Калиопи и други.