Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Американската драма за граѓанската војна „Линколн“ води според бројот на номинации за британските награди Bafta, вклучувајќи ја и онаа за најдобар филм, но Стивен Спилберг не е номиниран во категоријата за најдобар режисер.
Освен „Линколн“, кој има десет номинации, најмногу награди може да освојат „Клетници“ и „Животот на Пи“, кои имаат номинации во по девет категории.
Како што беше очекувано, Даниел Деј-Луис е номиниран за најдобар актер, за главната улога во „Линколн“, додека неговите партнери во тој филм Томи Ли Џонс и Сели Филд се кандидати за награда за споредна улога, објави на 9 јануари во Лондон Британската академија за филм и телевизија.
Меѓу фаворитите за награда за главна улога се и Ен Хетавеј и Хју Џекман, номинирани за адаптацијата на мјузиклот „Клетници“ од Том Харпер. Во конкуренција за наградата за најдобар актер е и Бен Афлек, кој е номиниран и за најдобар режисер за политичкиот трилер „Арго“, кој вкупно би можел да однесе седум награди.
Осум номинации има и новиот филм за Џејмс Бонд, Skyfall, вклучувајќи ја и онаа за најдобар британски филм и за споредна улога на Хавиер Бардем и Џуди Денч. Покрај Skyfall и Les Miserables, меѓу филмовите во конкуренција за најдобар британски филм е и драмата Ана Каренина, која има вкупно шест номинации.
Доботниците на наградите Bafta, британска верзија на популарниот Оскар, ќе бидат познати на 10 февруари.